Што може да се очекува од новите законски измени на Кривичниот законик (КЗ) – повеќе правда и отчетност за функционерите што ја злоупотребиле својата позиција, или уште поблага казнена политика од претходната? Дали предолго се чекаше и тактизираше со исправување на, како што многумина ја нарекоа, катастрофалната грешка од 2023 година, кога беа усвоени скандалозните измени на КЗ за време на владата на Димитар Ковачевски?
Овие прашања беа во фокусот на панел-дискусијата организирана од Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, каде доминираше оценката дека новите предлози, иако претставени како корекција, во суштина отвораат нов простор за системска неказнивост.
ЕУ предупредува: без консензус – нема владеење на правото
Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, потсети дека и покрај јавните признанија на политичките актери дека измените од 2023 година биле грешка, долго време немало конкретна институционална акција за нивно суштинско коригирање.
– Потребен е политички и општествен консензус дека новите измени навистина ќе бидат во насока на европските стандарди и обезбедување одговорност и владеење на правото. Нема граѓанин што смета дека неказнивоста е прифатлива, истакна Рокас, додавајќи дека Европската унија внимателно ќе го следи процесот.
И покрај уверувањата од власта дека измените се „преодно решение“, произлезено од одлуката на Уставниот суд од февруари, експертската јавност предупредува дека ваквиот пристап може да произведе трајни последици.
Уставниот суд и „суфицитот на неказнивост“
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, посочи дека измените на КЗ од 2023 година биле донесени по итна постапка, со европско знаменце, но без повикување на конкретна европска регулатива и без стручна и политичка дебата.
– Имаме суфицит на неказнивост и дефицит на одговорност. Гладни сме да видиме одговорност, а некој како да сака да нѐ убеди дека тоа е нормално, изјави Костадиновски, додавајќи дека Судот ќе ги оценува и материјалните и нормативните аспекти на новите законски решенија.
Легализација на злоупотребите
Најострата критика дојде од обвинителката Ленче Ристоска, која предупреди дека предложените измени не само што не ја зајакнуваат борбата против корупцијата, туку ја поткопуваат.
– Се санкционираат само конкретни дејствија во постапките за јавни набавки, со што сите други повреди се легализираат и се отвора простор за системска неказнивост токму таму каде што злоупотребите се најчести, рече Ристоска.
Таа особено алармираше за измените во членот 353-в, со кои се брише одговорноста на службените лица во органите на државната управа.
– Во пракса, тоа значи легализација на повредите што овие лица веќе ги сториле. Со вакви решенија се амнестираат министри, директори, полициски функционери и други носители на јавни функции, нагласи таа, доведувајќи ја во прашање искреноста на предлагачите.
Пониски казни, побрзо застарување
И покрај тврдењата дека се враќа „редот“ во казнената политика, предложените измени не го враќаат целосно криминализирањето на злоупотребата на службената положба и злосторничкото здружување. Наместо тоа, се стеснува кривичниот опфат и се овозможува побрзо застарување.
Додека претходно за делото од член 353 беа предвидени минимум пет години затвор и речиси невозможност за застарување, новите решенија овозможуваат условни казни и пократки рокови, што директно го слабее гонењето на сложени корупциски предмети.
Ризик за европските фондови и јавните финансии
Особено загрижува фактот што со сведувањето на поимот „корист“ исклучиво на имотна корист и со ограничувањето на инкриминациите главно на јавните набавки, значаен дел од злоупотребите со јавни средства и фондови на Европската Унија остануваат надвор од ефективниот кривично-правен опфат.
Злоупотреби преку фаворизирање, влијание, манипулирање со критериуми или ненаменско трошење средства – кои не секогаш носат директна лична добивка – може да останат неказнети, што е спротивно на европските стандарди за заштита на финансиските интереси на ЕУ.
Проширена конфискација – мерка без јасни правила
Контроверзии отвора и концептот на проширена конфискација, кој со новите измени се оддалечува од класичниот кривично-правен модел. Наместо одземање имот по правосилна судска пресуда, се отвора можност за конфискација без утврдена кривична одговорност.
Правните експерти предупредуваат дека ваквиот пристап ја става под знак прашалник презумпцијата на невиност, правото на сопственост и правната сигурност, создавајќи „сива зона“ во која мерката може да се применува селективно.
Реални последици од „привремените“ решенија
Искуството од 2023 година покажува дека ваквите законски интервенции имаат реални и долгорочни последици. Само 20 дена по тогашните измени, застаре предметот против поранешниот член на Судскиот совет Зоран Теофиловски, а низа случаи на поранешното СЈО – „ТНТ“, „Талир“, „Титаник“, „Таргет–Тврдина“ – практично беа обезвреднети.
Оттука, сѐ погласно се поставува прашањето: дали новите измени навистина се чекор кон европско владеење на правото, или само уште една формална корекција што создава нови безбедни зони за корупцијата – под превезот на законитост.
Реални последици
Последиците од ваквата казнена политика веќе се видливи. Само 20 дена по усвојувањето на измените во 2023 година, застаре предметот против поранешниот член на Судскиот совет, Зоран Теофиловски, наместо во 2051 година. Слична судбина доживеаја и голем број предмети на поранешното СЈО, меѓу кои „ТНТ“, „Талир“, „Титаник“, „Таргет-Тврдина“ и други.
Европски аларм
Кривичниот законик повторно е остро критикуван и во Извештајот за напредок на Европската комисија за 2025 година, каде што се бара итна изработка на целосно нов, европски усогласен закон. До тогаш, останува отворено прашањето дали предложените измени ќе значат чекор кон европска правда – или уште еден институционален штит за корупцијата.
Дестан Јонузи







