Директорот на Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“, Синиша Ивановски, информираше дека започнува долготрајна акција за расчистување и враќање на репрезентативниот изглед на Железничката станица во Скопје. Тој посочи дека овој објект, кој треба да претставува гордост на главниот град, со децении бил оставен без соодветна институционална и општествена грижа.
Според зборовите на Ивановски, станицата со години била претворена во нерепрезентативен простор, „накитен“ со билборди, постери, графити, несоодветни содржини и лошо ниво на хигиена.
За да се промени ваквата слика, претпријатието започнало со сет активности за подигнување на нивото на надворешниот и внатрешниот изглед. Како што информира директорот, за почеток се отстранети сите напластени информативни постери, како и речиси сите билборди и светлосни реклами.
Во однос на отстранувањето на рекламите, Ивановски посочи и еден конкретен проблем со закупец.
„Остана уште една светлосна реклама на ‘Хамза Донер’ кои одбиваат да ја извадат. Истите доколку не ја отстранат во рок од 7 дена, договорот за закуп ќе им биде раскинат“, дециден е директорот, додавајќи дека паралелно се продолжува со одржување на генералната хигиена.
Покрај тековното чистење, најавени се и посериозни капитални чекори. Ивановски информираше дека во моментов се работи заедно со Архитектонскиот факултет на проектирање на целосна реконструкција на Железничката станица, додека во соработка со Институтот за сеизмичко инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) се врши проверка на конструкцијата на самиот објект.
„Процесот на враќање на нормалниот изглед на Железничката станица нема да е лесен, но да почнеме денес“, порача Ивановски.
На крајот, тој упати благодарност до припадниците на Министерството за внатрешни работи (МВР), кои имаат полициска станица во склоп на објектот, за нивната секојдневна соработка и помош на терен.
Редакција Фронтлајн







































































































