„Вистината е дека Украина, украинскиот народ секогаш биле проевропски. Секогаш сме се сметале како дел, интегрален органски дел на европското семејство. Нашата цел секогаш била да станеме членка на Европската Унија. Моментално, поддршката кај украинскиот народ, поддршката за пристапување во НАТО и Европската Унија е исклучителна висока. Според некои проценки, таа изнесува повеќе од 90 отсто за влез во НАТО и Европската Унија. Јас би рекол тоа е нешто невидено“ изјави Олександр Мережко, пратеник во Врховна Рада на Украина во интервју за „Цивил Медиа“.
Тој додаде дека војната само ја засили поддршката на народот и ја направи уште повисока, а како што вели Мережко евроатлантската интеграција на Украина е содржана и во Уставот на државата, што е знак на огромна поддршка на овие процеси.
„Очекуваме да започнеме преговори со Европската Унија за нашето членство оваа година, можеби до крајот на годинава. Пред тоа, ни беа понудени седум барања, седум препораки за тоа што треба Украина да направи за да отпочне преговори. Ние, како пратеници, спроведовме сé што се бараше од нас. Ја усвоивме потребната законска регулатива“ изјави Мережко.
Украинскиот пратеник рече дека сега се во процес на консултации со Венецијанската комисија, која испорача препораки, но е оптимист дека нивниот дел од работата е завршен.
„Нашето членство во ЕУ не е само прашање на престиж или економски развој, туку прашање на нашата безбедност. Затоа што со тоа што ќе бидеме членка на Европската унија, ќе имаме повеќе поддршка, повеќе солидарност од другите членки на Европската унија. А јас сум сигурен дека ова ќе има застрашувачки ефект врз Русија, затоа што Путин, тој е диктатор, се плаши од солидарноста помеѓу демократските европски земји“ изјави Мережко за „Цивил Медиа“.