Системско решение заеднички усвоено и дефинирано со синдикатите е единствено одржливо решение кое ќе обезбеди раст на платите на вработените во јавниот сектор. Парцијално или индивидуално решенија ќе го оневозможи тоа системско решение, кое е неопходно во правец на континуриан раст на платите.
Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во изјава за медиумите и посочи дека во таа насока во рамки на Економско-социјалниот совет се водат интензивни разговори и се очекува да се усогласи и дефинира методологијата.
„Во рамки на Економско-социјалниот совет интензивно дискутираме со синдикатите за изнаоѓање решение кое ќе значи воспставување методологија и ќе биде системско решение кое ќе ги заштити вработените во јавниот сектор и нивниот стандард во однос на инфлацијата. Се работи на усогласување и потпишување на Општ колективен договор, кој ќе важи за сите вработени во јавниот сектор. Процесот е дефиниран, преговорите се водат и очекуваме да се усогласиме и да се заокружи целиот процес и методологијата”, истакна министерот Бесими во изјава за медиумите и посочи дека договореното решение ќе има транзиторна примена, односно период на приспособување.
Министерот потенцира дека платите на вработените во јавниот сектор имаат раст и оваа година, а таквиот раст ќе продолжи и во иднина преку системското решение, кое заедно ќе се утврди со синдикатите.
Тој потенцира дека е клучно да има системско решение, кое ќе го дефинира статусот и ќе го заштити стандардот на вработените, а воедно ќе ја следи продуктивноста на нашата економија.
Според министерот тоа ќе претставува системско решение, како и решението за минималната плата и пензиите. Покрај разговорите за Општиот колективен договор се работи на законско решение за платите во јавниот сектор. Она што се работи, како што наведе министерот, е во насока граѓаните и стопанството да имаат ефикасна и професионална јавна администрација.