Министерот за надворешни работи – Бујар Османи во ексклузивното интервју за Фронтлајн и ЦИВИЛ Медиа, вели дека руската агресија во Украина ја има нарушено безбедносната архитектура на која почиваше мирот во последните 75 години од Втората светска војна, а со тоа ја има нарушено и безбедноста не само во Европа, туку и пошироко.
„Се разбира дека во такви услови најранливите подрачја се по експонирани на можни дестабилизации. Регионот на Западен Балкан прво во целина, со фактот што не е дел од Европската унија, ранлив е сам по себе.
Фактот што има отворени сè уште нерешени прашања, како што е прашањето на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина, на отворениот спор, ако можам да кажам, помеѓу Србија и Косово, го прави регионот ранлив. Фактот што постојано има одредени прокси инсталации овде во регионот од други малигни актери исто така тие можат да бидат злоупотребени во функција на таа дестабилизација. Тоа што нас ни дава одреден комфор, е фактот што сме во НАТО“, истакнува Османи во интервјуто.
Да не бевме во НАТО, додава Османи, во услови на руска агресија во Украина, јас навистина не знам како би се справиле со целата анксиозност што би ја имале и како држава и како граѓани.
„Меѓутоа, фактот што сме членка на НАТО ние сега не мислиме на нас, ние мислиме како да им помогнеме на Украина и затоа сме едни од најголемите поддржувачи на Украина во било каква форма. Затоа сме во Латвија со војска, затоа сме во Бугарија и Романија со војска, во Косово, во Ирак…, затоа што сме веќе меѓународен играч којшто придонесува за мирот во светот, а тоа може да го проектирате само во услови кога сте ја обезбедиле стабилноста дома, а НАТО е гаранција за стабилност“, подвлекува Османи.
Разговорот го водеше: Дестан Јонузи
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Биљана Јордановска
Интервјуто е дел од редакциската соработка на Фронтлајн и ЦИВИЛ Медиа.
Поврзано: