Унгарскиот парламент ќе може да го ратификува влезот на Шведска во НАТО на почетокот на пролетната сесија кон крајот на овој месец, изјави денеска премиерот Виктор Орбан пред своите поддржувачи, пишува Ројтерс.
„Добрата вест е дека нашиот спор со Шведска ќе биде решен наскоро. Одиме во насока на ратификување на приемот на Шведска во НАТО на почетокот на пролетната парламентарна сесија“, истакна Орбан во своето клучно обраќање.
Унгарскиот премиер нагласи дека тој и шведскиот колега Улф Кристерсон презеле чекори за „враќање на довербата“ меѓу земјите, но не изнесе детали. Шведска поднесе барање за членство во НАТО во мај 2022 година во историска промена на политиката поттикната од руската инвазија на Украина.
Унгарија е единствената членка на НАТО која сè уште го нема ратификувано барањето на Шведска, процес кој бара поддршка од сите членки на Алијансата. Ова ги влоши односите со САД и ја зголеми загриженоста кај сојузниците.
Владејачката партија на Орбан – Фидес сметаше дека „неоснованите“ шведски обвинувања за поткопување на демократијата во Унгарија се причината поради која Шведска сè уште не добила зелено светло.
Орбан, кој има подобри односи со Русија отколку со некои членки на ЕУ и повеќето членки на НАТО, постојано изјавуваше дека неговата Влада го поддржува влезот на Шведска во НАТО, но процесот на ратификација заглави во унгарскиот парламент од средината на 2022 година.
Се очекува Парламентот повторно да заседава на 26 февруари.
Г. Т.