Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, испрати недвосмислена порака од Скопје – иднината на европската интеграција на Македонија зависи единствено од нејзината подготвеност да ги исполни преземените обврски, пред сè уставните измени.
Во објава на социјалната мрежа Х, по средбите со државниот врв, Фон дер Лајен ја потврди поддршката на Европската унија, но истовремено и предупреди:
– Ние стоиме цврсто зад Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Можете да сметате на нас. Но следниот и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен – мора да се реализираат уставните измени за кои постои договор. Топката е во вашиот двор. Европската унија е подготвена, истакна таа.

Извршниот директор на ЕВРОТИНК, Димитар Николовски, во изјава за Фронтлајн вели дека пораката која ја испрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, е повеќе од јасна, но не очекува дека Владата ќе ја прифати директно.
– Пораката која ја испрати Фон дер Лејен е повеќе од јасна, и е во линија со повеќе претходни изјави. Но некои други пораки испратени претходно, како на пример онаа од Антонио Кошта дека е разумно да добиеме некои гаранции против ново вето, додаваат на севкупната врева. Не очекувам дека оваа порака ќе биде прифатена јасно од страна на нашата влада, туку за повалидна ќе биде земена изјавата на Кошта, и ќе се бараат гаранции повторно. Мислам дека после изборите ќе има обид за интензивирање на разговорите со Бугарија, кои не верувам ќе бидат прифатеени од Бугарија. Исто така, контрапродуктивен е ставот на нашата влада дека сега топката е кај ЕУ и во Софија, а ние треба да прифатиме некое ново решение за проблемот кои сами го создаваме за себеси,“ изјави Николовски за Фронтлајн.

Професорот и поранешен амбасадор во НАТО, Нано Ружин, пак, во изјава за Фронтлајн нагласува дека без уставни измени, земјата нема никакви шанси да се придвижи напред во процесот на евроинтеграциите.
– Додeкa не се реши прашањето со Уставот, немаме никаква можност да мрднеме од оваа ситуација. Не треба да сте голем експерт за да констатирате дека нашиот проблем е Европската Унија, а не Бугарија, бидејќи ние имаме заклучен договор со Европската Унија. Можеме сега да правиме разни формулации, да истакнуваме, да бараме кривци, да ги критикуваме позициите на оние коишто го склучиле договорот. Но, факт е дека во овој миг, единствено што ни останува како држава доколку имаме желба да почнеме со преговорите, а тоа е да се промени Прембулата на Уставот и да се внесат они неколку етнички заедници, коишто се идентификуваат како такви, а коишто не се внесени во Уставот, изјави Ружин за Фронтлајн.
Разбирливо е дека Фон дер Лајен, додава тој, само го повторува тоа што веќе сите го знаеме.
– Мислам дека постојано треба да го повторува, бидејќи таму се проценките дека се работи за, би рекол, симболичен потег. Не навлегувам во констатацијата дека на нашата држава ѝ е направена голема неправда и дека постојано тие уцени коишто доаѓаат од соседите се нешто што најтешко се поднесува меѓу државите кандидати. Претпоставам истата судбина ги чека и Црна Гора и Србија и останатите аспиранти, подвлече нашиот соговорник.
И двајцата соговорници сметаат дека пораката на Фон дер Лајен не остава простор за различни толкувања – Европската унија е подготвена, но чекорот е на Македонија.
Според европските извори, пораката на Фон дер Лајен е јасна: Брисел нема да направи ниту еден чекор напред додека Скопје не ги исполни своите обврски. Средбите со државниот врв имале единствена цел – да се потсети дека застојот не доаѓа од Брисел, туку од Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски, по средбата со Фон дер Лајен, изјави дека разговорите биле пријателски, но дека неговата влада нема намера да ги спроведе уставните измени без предуслови.
– Никој не треба да очекува дека оваа влада ќе ги направи уставните измени без предуслови. Тоа нема да се случи додека јас сум премиер,“изјави Мицкоски.
Во вчерашното гостување во дневникот на Сител Телевизија, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче искажа жалење што премиерот не покажал политичка зрелост за предложената декларација во однос на црвените линии во патот кон евроинтеграциите.
„Јас жалам дека премиерот не покажа политичка зрелост, ниту пак покажа државничко однесување во однос на декларацијата. Обвинувањето дека тоа е некаков поклон за Бугарија е апсолутно неиздржано и целосно неточно. Тоа е поклон за Македонија, тоа е поклон за нашиот народ. Тоа е нешто што од нас може, доколку заеднички го донесеме, не само СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, сите политички партии во парламентот, тоа е нешто што ќе ни направи посилни и по обединети“, рече Филипче.
Тој во дневникот на Сител потенцираше дека декларацијата е најмакедонскиот документ кој што некогаш бил презентиран на политичката сцена поради тоа што за прв пат нуди концепт на национално обединување.
„Национално обединување, тоа е нешто што многу држави го имаат, држави со многу подолга традиција, видете ги Западно Европските земји. Еве само Бугарија, колку декларации заеднички, што ги гласеше целото собранието, имаат во изминатиот период. Зашто ние да не покажеме политичка зрелост, свесност, дека е тоа важна работа, да седнеме, да ги утврдиме тие црвени линии и да продолжиме напред“, потенцираше Филипче. Притоа Филипче истакна дека сите и владејачката гарнитура го знае чекорот кој треба да се направи и кој вчера го потврди и претседателката на Европската комисија Фон дер Лаен.
Во контраст со ставот на владата, лидерот на Демократската унија за интеграција и основач на Националната алијанса за интеграција (НАИ), Али Ахмети, упати апел до граѓаните за целосна мобилизација и поддршка на европскиот пат.
На митингот во Тетово, Ахмети порача дека претстојните локални избори на 19 октомври се „национален референдум за достоинството, интеграцијата и иднината“.
– Сите обединети како едно тело, да гласаме за нашата гордост, за нашиот политички легитимитет и за нашата сигурна иднина. Мора да го фатиме чекорот со Албанија и Црна Гора, да се движиме напред заедно. Не е добро ни за Македонците, ни за нас да останеме поделени и заглавени. Време е за промена на Уставот, за да кажеме ДА на Европа, да ги отвориме вратите за економија, инвестиции и нови работни места, изјави лидерот на ДУИ.
Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, најдолго од сите досега чека на почеток на преговори.
Дестан Јонузи
Поврзано: