Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, утрово повторно јавно му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски, со остра објава на социјалните мрежи во која го обвинува за политички манипулации и создавање на хаос околу проблемот со собирањето отпад во главниот град.
„Добро утро господине Мицкоски. Проблемот со ѓубрето е апсолвирана тема, здружено со ТВОИТЕ кадри ВИЕ го креирате и континуирано правите хаос, кој бидејќи сте ‘способни’ ќе го ‘решите’ за 72 часа. Да заклучиме штом се средува за 72 часа ептен било лесно да се реши, не знам што чекавте до сега“, пишува Арсовска во почетокот на објавата на Фејсбук.
Таа тврди дека повеќепати повикувала на соработка, но без резултат.
„Многу пати те повикав во интерес на граѓаните да соработуваш. Нормално лесно ќе го решите проблемот кој вие го креирате, а можевте и до сега, знаеш колку пати 72 часа поминаа во овие 4 години.“
Арсовска додава дека вистинската причина за јавниот притисок не е чистотата на градот, туку политички калкулации и медиумски напади нарачани од врвот на власта.
„Ајде да се вратиме на проблемот поради кој го правиш овој хаос со ‘ѓубрето’, затоа што ми досади од твоите нарачки и напади со маслинка медиумите и ботовите.“
Во објавата, градоначалничката се осврнува и на коалициските тензии меѓу ВМРО-ДПМНЕ и партнерите од Чаир, за кои тврди дека биле причина за дипломатски притисоци.
„Со месеци заедно со твоето дипломатче чудо од дете плачевте по целиот дипломатски кор дека си имал проблем со коалицискиот партнер за локални избори поради Чаир. Демек јас жена сама многу проблеми ви правам. Еве бевте 2 месеци раат од мене за да не ми се јавуваат пола амбасадори во Македонија дека кукаш ќе ти се рушела коалиција поради криминалот на твоите партнери од Чаир.“
Арсовска го повикува Мицкоски да покаже лидерство и да се зафати со безбедноста на скопјани:
„Сега кога коалицискиот ти победи во Чаир, ај да почнеш да бидеш и ти лидер ко Еди Рама и да срушиш сѐ што не е безбедно за скопјани. Или на овој Изет уште не смееш да му писнеш?“
Таа го обвинува премиерот дека институциите реагираат селективно — експресно кога пријавува негов партиски член, а не и кога таа поднесува пријави за криминал:
„Ајде ајде, финансова полиција и МВР по твоја нарачка експресно упаѓаат по институции 2 дена откако ќе пријави твој партиски другар. Значи се можело. А јас повеќе од 6 месеци пријавувам и чекам во Чаир со тебе и твоиве институции заедно да одиме да ти го покажам лично криминалот. Let’s go!“
Ј. Ѓ.