Американско-рускиот мировен план во 28-точки за прекин на војната во Украина предизвика силен потрес во европските политички центри. Како што анализира Euronews, европските држави биле оставени на маргините од првичните разговори, а содржината на предлогот – оценета како премногу поволна за Русија – отвори сериозни прашања за европската безбедност, за рамнотежата на влијание и за контролата над механизмите што директно зависат од ЕУ. Сега Брисел, Париз и Берлин решително се обидуваат да ја вратат улогата во процесот, бидејќи повеќе точки од планот не можат да се спроведат без нивна согласност.
НАТО ПРАШАЊЕТО – ЦРВЕНАТА ЛИНИЈА НА ЕУ
Најконтроверзниот дел од планот, според Euronews, е предлогот Украина трајно да се откаже од членство во НАТО, а Алијансата формално да се обврзе дека никогаш нема да ја прими. Во европските главни градови ова е дочекано со сериозен револт бидејќи би создадло де факто руски вето-механизам врз НАТО, би поставило опасен преседан за идни кризи и би ја претворило Украина во трајна „сива зона“ без безбедносни гаранции. Европа инсистира дека прашањата за членство, статути и идни обврски на Алијансата мора да останат во рамките на самите членки. Ова се однесува и на идејата за разместување на НАТО трупи во Украина, иницијатива што ја туркаа Франција и Британија, но која не може да се третира како тема за договор меѓу трети актери.
САНКЦИИТЕ КОН РУСИЈА
ЕУ има најобемен санкциски режим во својата историја, со 19 пакети што опфаќаат енергија, банкарство, транспорт, технологија, медиуми и листа од над 2.700 лица и организации. Во планот е вметната формулација за постепено укинување на санкциите, што е долгогодишно барање на Кремљ. Но европските држави, како што наведува Euronews, се крајно резервирани. Санкциското олеснување без цврсти гаранции дека Русија нема повторно да нападне би било висок ризик, прераното отстранување на економскиот притисок би се читало како стратешко слабеење на ЕУ, а Европа сака реверзибилен механизам што овозможува санкциите да се вратат веднаш. Дополнително, ЕУ останува посветена на обврската за трајно исклучување на руската енергија до 2028 година, што ја ограничува можноста за какви било поголеми попуштања.
РУСКИТЕ ЗАМРЗНАТИ СРЕДСТВА – НАЈЈАКИОТ ЕВРОПСКИ АДУТ
Една од најчувствителните точки се средствата на Руската централна банка имобилизирани во ЕУ, вредни околу 210 милијарди евра. Планот предвидува тие средства да се поделат во два инвестициони фонда од кои би имале корист и САД и Русија. Во Брисел, според Euronews, ова предизвика жестоки реакции. Средствата се клучен дел од европската идеја за финансирање на Украина во 2026 и 2027 година преку репарациски механизам што би се активирал само ако Москва се согласи да плати за воената штета. Евентуалното отворање на пристап до тие средства за Русија би изгледало како политичка амнестија на Кремљ и би ја лишило Европа од најсилната алатка за притисок. ЕУ тврдo останува на позицијата дека средствата не можат да се одмрзнат без јасни, веродостојни и правно обврзувачки репарации.
ВРАЌАЊЕ НА РУСИЈА ВО Г8 – ПОЛИТИЧКИ СИГНАЛ КОЈ ЕУ НЕ ГО ПРИФАЌА
Планот предвидува и повторно вклучување на Русија во Г8, што би означило крај на меѓународната изолација започната по анексијата на Крим во 2014 година. Но европските држави, како што пренесува Euronews, го гледаат ова како симболично легитимирање на Русија во момент кога агресијата врз Украина продолжува. Враќањето на Москва би изгледало како признавање на „заморот“ на Западот и како политичка капитулација пред руски услови. Бидејќи одлуките во групата се носат со консензус, ЕУ, Германија, Франција, Британија, Италија, Канада и Јапонија фактички имаат право на вето, а ниту една европска влада не најави подготвеност за таков чекор.
ЕВРОПСКАТА ПЕРСПЕКТИВА НА УКРАИНА – СЕГМЕНТ ВО КОЈ ЕУ ГО ДРЖИ КЛУЧОТ
Во планот е вметнато дека Украина е „елигибилна“ за членство во ЕУ и дека ќе добие привилегирани трговски можности. Но Брисел останува на принципот дека проширувањето е исклучиво мерит-базирано, дека процесот е долг и комплексен и дека одлуките се носат со едногласност. Како што потсетува Euronews, Унгарија веќе го блокираше процесот оваа година. Европската комисија повторува дека Украина мора самостојно да го одбере својот пат и дека политичкиот притисок не може да ја забрза ниту да ја забави европската перспектива.
Како што анализира Euronews, европските држави влегуваат во наредната фаза на преговорите со позиција што станува сѐ поусогласена: мировниот договор може да се потпише на која било маса, но нема да биде реализиран без Европа. Санкциите, руските средства, структурните економски прашања, идниот состав на Г7 и евроинтеграцијата на Украина остануваат исклучиво во европска надлежност. Со тоа, Европа го враќа балансот во преговорите – не како набљудувач, туку како клучен столб во обликувањето на пост-воениот европски безбедносен поредок.
Извор: Euronews
Адаптација: Редакција Фронтлајн





