Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан изјави дека станува збор за историски ден не само за Тирана, туку и за односот на ЕУ со Западен Балкан. Тој порача дека иднината на Европската унија е со Западен Балкан, како и дека денеска на самитот ќе бидат потпишани конкретни договори за побезбедна иднина.
„Ова ќе биде важен, симболичен состанок. Убеден сум дека иднината на нашите деца ќе биде побезбедна со нашите напори. Денеска ќе го потпишеме договорот за роаминг трошоците. Олеснување за бизнисите, граѓаните, туризмот. Следното прашање ќе биде енергетската криза. Возбудливо е да се биде овде. Иднината на Европа, тоа е иднината на нашите деца, ќе биде побезбедна со Западен Балкан. Приближувањето до регионот е важно за нас“, изјави Мишел.
Покрај главната тема, војната во Украина, на самитот ЕУ-Западен Балкан, ќе се разговара и за негативните последици од енергетската криза во Западен Балкан, кибер нападите, вклучително и загриженоста за зголемување на илегалната имиграција во земјите на ЕУ. Ќе се разговара и за меѓусебно укинување на роаминг трошоците помеѓу ЕУ и Западен Балкан.
На дневниот ред се политиките за проширување, зголемување на изградбата на безбедноста од странски влијанија, имиграциските предизвици, борбата против тероризмот и организираниот криминал, зголемување на соработката во одбраната од кибер-нападите.
Извор: Мета