Европската комисија денеска предложи да се обезбедат до 100 милиони евра макрофинансиска помош за Македонија. Оттаму велат дека со овој предлог, се покажува дека Комисијата стои до Северна Македонија во тешки времиња, потенцирајќи ја енергетската криза.
Според Комисијата, предложената помош ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја фискалната одржливост и структурните реформи, додавајќи дека денешниот предлог е во рамки на 24-месечната програма за поддршка склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), до 530 милиони евра.
„Ние стоиме покрај Северна Македонија во овие предизвикувачки времиња. Денеска предлагаме макрофинансиска помош до 100 милиони евра за поддршка на економијата на земјата, придонесувајќи за покривање на нејзините финансиски потреби во следните две години“, рече претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Од Европската комисија информираат дека помошта би била во форма на заеми, кои ќе се исплатат на две рати.
„Овие две плаќања би биле условени со спроведување на политичките мерки кои треба да се договорат меѓу Северна Македонија и ЕУ со Меморандум за разбирање. Меморандумот за разбирање најверојатно ќе се фокусира на реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, судските реформи и борбата против корупцијата. Плаќањата, исто така, би биле условени со позитивни резултати во спроведувањето на програмата на ММФ. Овие реформи ќе ја поддржат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, велат од ЕК.
Инаку, макрофинансиската помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ со соседните партнери и партнерите за проширување, и е наменета како инструмент за одговор на кризи. Со неа се покажува солидарноста на ЕУ со овие партнери и поддршката на ефективни политики во време на криза. Следува предлогот да биде одобрен од Европскиот совет.