Литванија испрати силна порака до рускиот претседател Владимир Путин откако Меѓународниот суд на правдата во Хаг издаде налог за негово апсење. Министерството за надворешни работи на земјата објави на Твитер фотографија од транспарент на облакодер во литванскиот главен град Вилнус на кој пишува „Путин, те чека Хаг“.
Putin, the Hague is waiting for you! https://t.co/5GwHc7k4VW pic.twitter.com/ErDPkARZyp
— Lithuania MFA | #StandWithUkraine (@LithuaniaMFA) March 17, 2023
Градоначалникот на Вилнус, Ремигијус Симасиус, во март минатата година ја напишал истата порака со спреј на улицата пред руската амбасада во градот, пишува Скај њуз.
Меѓународниот кривичен суд во Хаг вчера издаде налог за апсење на рускиот претседател Путин поради извршени воени злосторства.
Трибуналот издаде два налога за апсење – против Путин и руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова. Правното обвинение гласи: „воени злосторства“. Поточно, станува збор за депортација на деца од Украина во Русија, која наводно се вршела од февруари 2022 година.
Судот тврди дека има доволно причини дека Путин е самиот кривично одговорен за гореспоменатите дела. Во мај минатата година, рускиот претседател потпиша указ со кој се овозможува побрзо давање државјанство на украинските деца во Русија. Освен тоа, Путин, како што е наведено во налогот за апсење, не влијаел врз неговите цивилни и воени подредени за да ги одврати од извршување воени злосторства.
Г. Т.