Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Дали меѓу Париз, Софија и скопската палата „Христо Татарчев“ постои некаков бермудски триаголник? На оваа мисла ме поттикна македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој на вторничката дебата (29 август) во рамки на Бледскиот форум, говореше за една од темите на овој собир – брзината со која балканските земји треба да бидат интегрирани во Унијата.
Османи, меѓу другото, рече дека уверувањето на еден од врвните европски функционери Шарл Мишел, дека Балканот би се интегрирал во ЕУ до 2030 година, предизвика промена на скептичното расположение кај дел од македонската јавност, чија разочараност од недоволно отворените врати на ЕУ за нас, како кандидати за прием, може да биде од пресудна важност во овие моменти на одмерување на аргументите меѓу власта и опозицијата.
Макрон за некаква дневна сет-меч топка за Шампитата
Така, после оценката на Мишел дадена во понеделникот попладне, на форумот на премиерите на поканетите во земји во Блед за – да ја наречеме така – фиксната година на приемот, барометарот на гневот покажува омекнување на локалниот сентимент тука кон Унијата.
Но Османи рече дека добрата вест траела многу кусо. Веројатно, разочараната опозиција си доби аргумент да го охрабрува својот опортунитет со брзата изјава на францускиот претседател Макрон, кој проговори нешто за различните брзини во Унијата.
И тоа само неколку часа после говорот на Мишел.
Опозицијата ова да сакаше не можеше самата да го искреира, би додале ние, бидејќи истиот дел од јавноста кој час пред тоа почна да прелетува од едно во друго расположение, се заврте назад. Тоа ѝ погодува на атмосферата која ја шири опозицијата во земјава, а неа Османи ја нарече токсична и тоа посебно го акцентираше пред собирот на кој беа неговите колеги од регионот.
Излезе дека од Кеј д’Орсеј повторно направија рикверц како пред пет-шест години кога претседателот Макрон излезе со слична формулација, па ете, ако не Брисел, тогаш Париз постојано ќе наоѓа начини да нѐ сопира на патот кон нашата стратешка цел. Јасно, Мицкоски и клапата кои постојано бара аргументи дека треба да ја „баталиме“ ЕУ, одеднаш добија, па нека е тоа наш заклучок, ненадејна, иако само дневна сет-меч топка!
Треба ли да потсетуваме дека Франција беше таа кога после Преспанскиот договор и нашиот прием во НАТО, по што ние се најдовме на брзата патека кон отпочнување на преговорите, најде изговор таа брзина да ја успори, во еден момент дури и да ја закочи, во што секако имаше добра потпора во софиските валкани амбиции на регионален план.
Тој маневар битно го намали рејтингот на владејачката СДСМ, по што постојано мораше да го слушаме папагалското барање на црвено-црните за вонредни избори, едни после други, за како крајна резултанта да дојдат изгубените локални избори во 2021 г. и оставката на премиерот Заев. Дали Макрон може да добие ново „мерси“, овој пат од Палатата „Христо Татарчев“? Бидејќи, според некои анализи, тој ја релативизира одличната позиција која земјата ја доби меѓу учесниците на Форумот во Блед, овој пат обединет околу солидарноста на европските земји.
Нашите медиуми доцна се разбудија кога е Форумот во Блед во прашање
Да се потсетиме (па и да објавиме, бидејќи, најголемиот дел од македонските медиуми речиси целосно се затвори кон настаните во Блед, како што тоа го сторија и за настаните на Атинскиот форум) дека земјава беше земена како репер за нестабилниот однос на Брисел кон кандидатите членки.
Во очите на присутните, кои доаѓаат од земји кандидати за членство, Брисел и Унијата се сѐ уште, што се вели, „подвижна мета“ која е тешко да се погоди, односно да ѝ се угоди. Српската премиерка Брнабиќ го искористи нашиот пример „со промена на името“ за да укаже дека и големи жртви не се доволни за напредок.
Премиерот на Хрватска, земја која е во Унијата подвлече дека Унијата се однесува „срамно кон Северна Македонија“ (иако овој дел од неговиот говор е исфрлен од официјалниот сајт на Владата во Загреб во однос на сѐ што Пленковиќ кажа на Форумот).
Па и делот од говорот на албанскиот премиер Еди Рама со предлогот „Хрватска да ја нападне Србија, Србија Косово, Бугарија Северна Македонија, а Грција да биде замолена да ја нападне неговата земја со што оваа би се согласила“ имаше алузија која ретко кој ја сфати. Се однесуваше на тоа дека Украина која е во војна, или Молдавија која е во слична позиција, во некоја рака, треба да бидат примени експресно, додека други држави чекаат со децении. Како да дошол некаков „happy hour“ на геостратешки план со војната во Украина (термин на хрватскиот претседател Милановиќ), па сега критериумите масовно паѓаат во вода.
Навистина, оние кои ги следат приликите од почетокот на векот, секако ќе се сложат дека и Бугарија и Романија влегоа „во клубот“ без елементарно да ги задоволат критериумите, па и тоа само по себе го шири скептицизмот како епидемија кај поразвиените членки во Унијата и секако им прави проблеми на земјите кандидатки.
Она што некои аналитичари во земјава забележаа, е дека Макрон затоа и говори за различни брзини, бидејќи излегува дека – што би рекол Рама – „Црногорците само си лежат на плажата“, одново уште една алузија кон некого што не прави ништо 15 години по прифаќањето на апликацијата, може да дојде до некаков „капиџик“ и бргу да влезе во Унијата!
И комплементарни и различни погледи кон иднината на Унијата
Постојат разлики во однос на она што стигна до нашите уши за време на одбележувањето на празникот Голема Госпојна. Познавачката на европските политики, Симонида Кацарска, изјави за Телма дека „двете пораки за проширување на Европската унија и нејзината иднина кои стигнаа вчера од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, според кого Унијата и земјите-кандидати треба да се подготват за проширување до 2030 година, но и од претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој по 2017 година повторно го реафирмираше планот за Европа со две или повеќе брзини“ се на маса.
Според Симонида Кацарска од Институт за европски политики, двете изјави треба да се гледаат во корелација и како дел од тековната дебата која се води во Унијата за тоа како таа да продолжи понатаму, особено по кандидатурите на Украина и Молдавија и неодржливоста на статус-кво ситуацијата околу проширувањето.
Мишел во понеделникот од Словенија, зборувајќи во контекст на зачувување на кредибилитетот на Унијата, ја постави 2030 како временски рок за идното проширување.
„Ако сакаме да бидеме кредибилни, верувам дека треба да зборуваме за тајминг. Мора да зборуваме за нашата домашна работа. И имам сугестија. Додека ја подготвуваме следна европска стратешка агенда ние мора да си поставиме јасна цел. Јас верувам дека ние мора да бидеме подготвени, и на двете страни, до 2030 за проширување“, изјави Шарл Мишел, претседател на Европски совет.
Кацарска смета дека ставот на Мишел е рефлексија и на заложбата на Германија дека проширувањето треба да се забрза.
„Ова е поставено како одреден начин којшто би дал надеж на земјите-кандидати и да се креира притисок во ЕУ, дека доколку се случи проширување, мора да се направат некои внатрешни реформи. Меѓутоа, самиот Мишел не даде повеќе информации за тоа како ги гледаат реформите. Тука веројатно треба да се гледа овој говор како делумно комплементарен со она што го зборуваше и претседателот Макрон“, е ставот на Кацарска.
Но, токму францускиот претседател Макрон вчера, по годишниот состанок со француските амбасадори, испрати порака дека проширување не е можно без реформирана ЕУ.
„Ризично е да размислуваме за проширување без реформи. Можам да сведочам дека е доволно тешко за Европа да напредува по чувствителни прашања со 27 членки. Со 32 или 35 членки тоа нема да биде воопшто полесно. Ќе ни треба храброст да прифатиме повеќе интеграција во некои области и можеби дури Европа со повеќе брзини“, рече Макрон.
Притоа, Макрон не елаборираше како би функционирала таквата повеќебрзинска Европа, но додаде дека е неопходна ревизија на процедурите на ЕУ за таа да ја задржи, како што рече, својата привлечност.
Според Кацарска, токму ставот на Макрон е тој кој треба понатаму да се следи, како и дебатата кој по ова прашање ќе се води во Франција, како клучна земја во Унијата која што повторно се навраќа на проширувањето по 2018 година.
„Бидејќи земјите членки се оние кои што ќе го решат форматот и начинот на кој што ќе одвива проширувањето, имајќи предвид дека институциите на ЕУ, особено Европската комисија, е доста тивка и сѐ уште нема јасен план како ќе се оди понатаму“, вели Кацарска.
(Во однос на потребата од длабинско толкување на говорот на Макрон, препорака е да се прочитаат два текста објавени на ЦИВИЛ МЕДИА. Едниот од Зоран Иванов, а другиот од Катерина Колозова.
Разрешување на косовскиот јазол
Макрон, вреди да се забележи, говореше и за други детали, пред сѐ, за спорот меѓу Косово и Србија. Впрочем, шефот на српската дипломатија во вторникот, на форумот за министри за надворешни работи доминираше со својот недипломатски речник и со кавгата со некои лица во атриумот на салата (не можеше да видиме кои беа тие лица), а, пак, премиерот Курти грубо ја отфрли идејата на Брисел во текот на првата недела на септември да дојде до нов состанок меѓу него и Вучиќ, со образложение дека „имал поважна работа“.
Според весникот „Данас“, Макрон во вторникот се заканил дека Брисел ќе ги одземе Шенген визите за српските и косовските граѓани, ако брзо не се реши проблемот со изборите во српските општини, што е јасна закана за брзината на исполнување на договорите од Брисел и Охрид. Ова е секако најконкретниот потег во однос на однесувањето на двата балкански актери во нашите локалните драми.
Што да се каже на крајот? Има сѐ уште разлики во Брисел околу интеграциите. Бледскиот форум покажа дека Србија е евроскептична, но нема „план Б“, Албанија има премиер кој е „трагичен оптимист“, иако евроинтеграциите одат бавно, додека Црна Гора си смета дека е на самата врата на Европската унија.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ порача, што може да се смета за најточна дефиниција после Форумот, упатена до земјите-кандидати, дека не смета дека е важно тие истовремено да влезат во Европската унија.
„Единствено правилно е индивидуално да се мерат придонесите и заслугите на секоја држава. Никакви билатерални тешкотии не треба да бидат причина за одложување на нечија интеграција. Продолжете со реформите, обезбедете политичка безбедност дома и држете се до ентузијазмот наместо до цинизмот за европската интеграција“, рече тој.
Ова значи директна порака до Мицкоски и неговите кочничари да се вратат на теренот на реалноста и да ги изгласаат промените во Уставот, што останува наша домашна задача.
„Подобро е да си во спориот автобус на Унијата отколку во руски авион“ – порача, патем, толку споменуваниот албански премиер Рама.