Двe престрелки во едно деноноќие во главниот град. Едно лице е убиено на паркингот кај трговскиот центар „Мавровка“, по што им подлегна на повредите, додека пред тоа на булеварот „Александар Македонски“, од патничко возило во движење било пукано во возило марка „Пасат“ со австриски регистарски ознаки. Во ова престрелка е повредено едно лице кое е пренесено на Клинички.
Селим Ибраими од Институтот за безбедносни студии и развој – „ИССД-Македонија“ вели дека последното убиство покажува дека Скопје повеќе не е мирен град и дека му се закануваат организирани криминални групи
– Јавната безбедност има директно влијание врз човечкиот живот. Последното убиство покажува дека Скопје повеќе не е мирен град и дека му се закануваат организирани криминални групи. Скопје станува уште еден Лос Анџелес со гета. Државата да направи повеќе заедно со МВР. Во спротивно, стравот и неизвесноста ќе се зголемат. Други фактори може да бидат заинтересирани за зајакнување и искористување на криминалната мрежа од злонамерни актери, изјави Ибраими за „Фронтлајн“.
Директорот на БЈБ, Александар Јанев соопшти дека нема да се задоволат, како што објавил, се додека не го вратиме спокојот и сигурноста во главниот град.
– Итно беа активирани и преземени сите мерки, со цел да се обезбеди безбедноста на граѓаните. Нашата цел е да не дозволиме градот и државата да се претворат во полигон на пресметки на криминални групи. Законот и редот се и ќе бидат над криминално-мафијашките структури. Криминалот нема етничка или партиска припадност, а нашиот одговор е и ќе биде жесток и без компромис. Сите граѓани треба да се чувствуваат безбедно, а ние ќе продолжиме да работиме со најголема одговорност и ангажираност за да се оствари тоа. Ве молиме да бидете внимателни и да соработувате со полицијата. Вашата безбедност е наш приоритет и нема да се задоволиме додека не го вратиме спокојот и сигурноста во нашиот град, истакна Јанев.
Од друга страна опозициската СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Ваквите пресметки стануваат секојдневие бидејќи МВР и Тошковски не успеваат да ги најдат сторителите и да ги расчистуваат случаите. За потсетување, во мандатот на Тошковски имаше три убиства и три обиди за убиства, а разрешница имаше само за еден случај. Неспособноста на власта на Мицкоски Македонија ја претвори во ‘див запад“. Криминалните банди буквално хараат, криминалците бегаат од затворите кои се како ‘хотел промаја’, а граѓаните стравуваат за својата безбедност. Нема скандал во изминатите три месеци, а да не е поврзан со Тошковски и МВР. Тошковски е најнеспособниот министер за внатрешни работи и веднаш треба да си даде оставка, се вели во реакцијата на СДСМ.
Дополнително, во објава на социјалната мрежа Фејсбук, актуелната пратеничка во Собранието од СДСМ и ексминистерка за одбрана, Славјанка Петровска, го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека додека се фотографира и смешка со познат лик од скопското подземје, мафијашки престрелки се случуваат на секој чекор.
Според пратеничката на СДСМ, лично Мицкоски стои и ги одобрува овие мафијашки престрелки.
– Затоа и одбра вчера на големиот христијански празник Преображение, пред Божји храм да се фотографира со Борис Мутков-Фантом, познат лик на скопското подземје. Наместо да ги апсат, тие се фотографираат и смешкаат. Вчерашната престрелка во Синѓелиќ е, всушност, пресметка зад која стои Фантом и праќа порака кој е кој, напиша Петровска на Фејсбук.
Доказ за блискоста на Борис Мутков – Фантом со Мицкоски, како што тврди пратеничката, „не е монтирана и е фактот што братот на Фантом е дел од обезбедувањето на Мицкоски“.
„Очигледно е дека ДПМНЕ продолжува таму каде што Груевски застана, и затоа многу пократко ќе траете“, вели Петровска во објавата.
Покрај текстот со нејзините обвинувања, пратеничката објави и фотографии од, како што тврди, средбата на премиерот со лицето што го посочува и за кое вели дека е добро познат лик во скопското подземје.
Премиерот Мицкоски најави дека ќе поднесе тужба против пратеничката Славјанка Петровска. Тој истакна дека со жалање го прочитал статусот на поранешната министерка Славјанка Петровска во кој таа упати обвинувања на негова сметка.
– Не е прв пат госпоѓицата Славјанка Петровска да нанесува удар врз мене и моето семејство на ваков подмолен начин, со многу лаги, измислици и конструкции. Таа за жал мене монструозно ме обвини, но јас тоа го оставам на нејзината чест и совест. Не би сакал да навлегувам во длабочината на нејзината мисла додека го креирала и го објавила овој пост. Се консултирав со мојот правен тим и ќе покренам тужба, затоа што би сакал органите, судот, до крај да го расветлат ова и да видат со какви докази располага госпоѓицата Петровска, дека јас сум нарачувал и охрабрувал убиства. Сепак јас имам семејство, моето семејство функционира низ градот и не би сакал да се најде во непријатна состојба, одговори премиерот Мицкоски на новинарско прашање.
Тој посочи дека Петровска се обидува политички да спечали напаѓајќи го него лично и преку тоа и неговото семејство и најави дека во деновите кои следат ќе биде поднесена тужбата.
Вчера едно лице беше убиено на паркингот кај трговскиот центар „Мавровка“, по што им подлегна на повредите. Изнуда е причината за убиството кај Мавровка, каде убиен е 60-годишниот Васил Ефтимов – бизнисмен за продажба на накит во скопски Аеродром, а се занимавал и со бизнис со материјали за водовод. Осомничени остануваат три лица, од кои две се уапсени, соопштија од МВР.
Овој настан како сцена од крими-трилер се случуваше на само неколку метри оддалеченост од будното око на очевидци и медиумски екипи. Иако мотивите за убиството засега не се официјално познати, неофицијалните информации говорат дека убиениот најверојатно бил следен за да биде ограбен, а како дошло до употребата на оружје и убиство, засега останува нејасно.
Ова е втора престрелка во едно деноноќие во главниот град. Ден пред тоа нешто пред 21 часот во СВР Скопје било пријавено дека на булеварот „Александар Македонски“, од патничко возило во движење било пукано во возило марка „Пасат“ со австриски регистарски ознаки.
Во ова престрелка е повредено едно лице кое е пренесено на Клинички. Од полиција велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. Според досегашните информации, ништо не навестува дека двете престрелки се поврзани.
Дестан Јонузи