Русија за време на актуелните мировни преговори во Абу Даби ги заостри своите барања и сега не бара само повлекување на украинските сили од Донбас, туку и глобално меѓународно признавање на тој регион како дел од Руската Федерација.
„За руската страна признавањето е клучно“
Повикајќи се на „западен извор“ во Абу Даби, руската државна агенција ТАСС наведува дека Москва го смета меѓународното признавање на Донбас како суштински дел од поширок мировен договор.
„За руската страна, овој аспект – признавањето на Донбас од сите земји – се смета за многу важен“, изјавил, според ТАСС, западниот извор, пренесува Index.hr.
Зеленски: Тоа се наши територии
На новите информации за руските барања веднаш реагираше украинскиот претседател Володимир Зеленски. На прес-конференција во Кијив, одржана заедно со полскиот премиер Доналд Туск, Зеленски се осврна на, како што рече, ултиматумот со кој мировниот договор се условува со меѓународно признавање на Донбас како руски.
За време на обраќањето на Зеленски, полскиот премиер Туск јасно порача дека Полска нема да го признае Донбас како дел од Русија.
Зеленски му се заблагодари и изјави:
Zelenskyy on Russia’s ultimatums regarding Donbas: First, if any countries recognize our territories as Russian, it will change nothing. Second, this is our land. pic.twitter.com/I1gQR0hHtJ
— WarTranslated (@wartranslated) February 5, 2026
„Ти благодарам многу, Доналд. Веќе самата изјава на Туск покажува дека нема сите да го признаат тоа. Но дури и ако некој ги признава нашите територии како руски, тоа нема ништо да промени.
Како прво, нема сите, како што кажа мојот полски колега. А како второ, Украина има претседател на Украина кој ги потпишува документите. Фала му на Бога. Други лидери не потпишуваат важни документи наместо Украина. Затоа, нашите територии се наши, без оглед на нивниот привремен статус – привремено окупирани.“
Со ова, украинскиот претседател јасно порача дека Киев нема да прифати никакво меѓународно признавање на окупираните територии, без разлика на барањата што Москва ги изнесува на преговарачката маса.
Што уште тврдат изворите на ТАСС?
Изворот на ТАСС тврди и дека безбедносните гаранции за Украина би можеле да вклучуваат мултинационални сили за брза реакција, а не класични мировни сили. Според истиот извор, атмосферата на разговорите била „поработна отколку на сите претходни средби“.
ТАСС наведува дека Европа во повеќе наврати се обидела да се вклучи во преговорите во Абу Даби. Изворот додава дека разговорите би можеле да завршат со соопштение од земјата домаќин, а не со заедничка изјава на учесниците.
Договорена размена на заробеници
Украина и Русија денеска во Абу Даби го завршија вториот ден од мировните преговори за ставање крај на најразорниот конфликт во Европа од Втората светска војна. Како единствен конкретен резултат од разговорите, договорена е голема размена на воени заробеници, прва по последните пет месеци.
Според информациите, ќе бидат разменети вкупно 314 воени заробеници.
САД: Дипломатијата носи опипливи резултати
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, соопшти дека делегациите на САД, Украина и Русија постигнале договор за размената.
„Иако претстои значајна работа, чекори како овој покажуваат дека континуираниот дипломатски ангажман носи опипливи резултати и ги зајакнува напорите за ставање крај на војната во Украина“, напиша Виткоф на платформата X, оценувајќи ги разговорите како „детални и продуктивни“.
Позитивни тонови, но без прекин на огнот. Дмитриев ја обвини Европа за „хушкање“
И Москва и Кијив досегашните разговори ги оценија како позитивни. Главниот украински преговарач Рустем Умеров изјави дека првиот ден од разговорите бил „значаен и продуктивен, со фокус на конкретни чекори и практични решенија“.
Рускиот претставник Кирил Дмитриев рече дека е постигнат напредок и позитивен чекор, додавајќи дека паралелно се работи и на обновување на односите меѓу Русија и САД, вклучително и во рамки на американско-руска економска работна група.
„Воените хушкатори од Европа, од Велика Британија, постојано се обидуваат да го попречат овој процес и да се мешаат. И колку има повеќе такви обиди, толку појасно гледаме дека сепак се постигнува напредок“, изјави Дмитриев.
И покрај изјавите, договор за прекин на огнот сè уште не е постигнат. Борбите продолжуваат долж околу 1.200 километри фронт, а најжестоките судири и понатаму се водат во областа на Доњецк – регионот што е во центарот на руските територијални барања.
Редакција Фронтлајн







