„Рамката е испреговарана, не може да се промени и ако г. Мицкоски вели дека по изборите ќе издејствува подобар договор не мислам дека тоа воопшто е реалистично, дури и возможно. Северна Македонија го има најдобриот договор што може да го добие“ рече холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во интервју за „360 степени“.
Тој додаде дека пред доаѓањето на власт на Ковачевски и Петков имаше многу прашања, пет комисии кои требаше да преговараат под водство на француското претседателство, а на крајот целиот проблем беше сведен на едно прашање – внесување на Бугарите во Уставот.
„Тоа беше договор меѓу Бугарија и Северна Македонија, другото исчезна, што е добро. Мислам дека под овие околности ова е најдобар договор што Бугарија и Северна Македонија можеа да го добијат. Стартот на втората фаза од Меѓувладината конференција, кој зависи од уставните измени, нема ништо со самиот билатерален договор“ рече Коп.
Холандскиот амбасадор рече дека не гледа дека ваквите услови ќе се променат и дека ова е исклучително важен момент и конечно време Северна Македонија да ја оформи својата иднина.