Пишува: ДЕСТАН ЈОНУЗИ
Македонија повеќе од две децении ја има Европската Унија како стратешка цел. Но патот до Брисел постојано бил обременет со внатрешни поделби, соседски спорови и дневнополитички калкулации. Најавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за подготовка на декларација за национален консензус за евроинтеграциите е можеби најважниот чекор за враќање на довербата – не само кон институциите, туку и кон европската перспектива на државата.
Кога имше единство, државата успеваше
Секогаш кога партиите нашле заеднички јазик околу стратешките прашања, државата победувала. Така беше во 2001 година, кога со Охридскиот рамковен договор беше спречена ескалација и државата зачува стабилност. Така беше и во 2008 година, кога сите парламентарни партии ја поддржаа резолуцијата за членство во НАТО и ЕУ. Единството – и покрај тогашните разлики – ја задржа државата на евроатлантскиот курс.
Сегашниот момент бара зрелост
Филипче ја испрати јасната порака дека Европската Унија не смее да биде жртва на дневнополитички трикови. Работната верзија на документот ќе биде презентирана пред сите партии, експертската јавност, медиумите и меѓународните партнери – чекор што гарантира транспарентност и инклузивност.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за жал, одбра да ја отфрли иницијативата и да ја продолжи конфронтацијата. Но улогата на претседателот е да обединува, а не да ја продлабочува поларизацијата. Наместо фактор на стабилност, таа избра улога на партиски сојузник.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, ја оцени иницијативата како „итроштина“ и се потсети на минати декларации. Но токму оваа перцепција за политички маневрирања ја поткопува довербата кај граѓаните. Владата, ако има навистина европска агенда, треба да го прифати предлогот и да го надгради – наместо да го отфрла.
Европа очекува стабилност, граѓаните очекуваат сигурност
Европската Унија веќе одамна стави до знаење дека процесот на проширување бара јасна политичка волја и внатрешна стабилност. Хрватска успеа да стане членка на ЕУ затоа што имаше национален консензус околу европските реформи. Словенија ја изгради таа стратегија уште во 90-тите години.
Нашата држава, напротив, често испраќаше мешани сигнали – една влада потпишува договор, другата го оспорува; една опозиција повикува на бојкот, другата на брзи избори. Резултатот е ист: статус кво, разочарани граѓани и изгубени години.
Декларацијата – државна потреба, не партиска игра
Националниот документ што го предлага СДСМ не смее да се гледа низ призма на партиска корист. Тој треба да биде заеднички акт со кој ќе се утврдат јасни позиции: дека идентитетските прашања не се предмет на преговарање; дека историските комисии ќе работат со европска помош и експертиза; дека интеграцијата во ЕУ останува врвна државна цел, независно од смената на влади.