Локалната изборна кампања во Македонија започна со невообичаена жестина. Уште во првите денови, политичките партии влегоа во меѓусебни обвинувања и контра-обвинувања, навестувајќи напната и конфронтирачка трка до самиот ден на гласањето.
На партиска конвенција за Локланите избори, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, упати остра порака кон претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, користејќи метафоричен речник:
„Пораката на Христијан е со кучиња… со кучиња се оди на лов за зајаци, но не и за орли. Орелите не се фаќаат ниту со кучиња, ниту со слуги, ниту со гласници кои ти ги тренираш за да нѐ понижиш. Ќе ти повторам уште еднаш – орлите летаат високо во синилата, кучињата чувај ги за зајаци.“
Ахмети се обиде да направи разлика помеѓу „орлите“ – симболично претставувајќи ги Албанците – и „кучињата“, како алузија на политичките противници и, според него, нивните поддржувачи.
Одговорот од ВМРО-ДПМНЕ не доцнеше. Од партијата реагираа со соопштение:
„Имаме порака за Али Ахмети: вие не сте орел, туку обичен врапче. Вие не сте симбол на гордост, туку партија длабоко заглавена во криминал и корупција. Најисплашените се најгласни. Со проекти, мерки и реформи – за подобар живот. Албанците одамна се заситени од Ахмети, и тоа ќе го покажат на следните избори – заедно со Македонците, сите обединети.“
Реакција стигна и од еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, кој остро ја осуди реториката на Ахмети:
„Во моментот кога ги нарече ‘кучиња’ сите оние Албанци и Албанки кои не мислат како тебе, ја заврши својата политичка кариера. Вечерва стави печат на делегитимирањето.“
ДУИ, преку генералниот секретар Фатон Ахмети, се обиде да ја смири ситуацијата и да појасни дека изјавата на Ахмети е погрешно протолкувана:
„Мислам дека ставот на г. Али Ахмети е погрешно разбран. Претседателот Ахмети се обрати кон Албанците како орли. Тие зборови не беа наменети за Албанците, туку за сите вазали што ѝ служат на политиката на ВМРО-ДПМНЕ.“
Овој почеток на кампањата е загрижувачки сигнал за тоа како ќе се одвиваат локалните избори. Наместо дебата за конкретни проекти, инфраструктурни решенија и локален развој, јавноста е сведок на говор исполнет со етикетирање, навреди и етнички набиени пораки.
Метaфорите како „орли“ и „кучиња“ се силни во политичката реторика, но носат опасност од дополнителна поларизација во мултиетничко општество. Наместо да повикуваат на дијалог, ваквите пораки ја продлабочуваат недовербата меѓу заедниците и ја нарушуваат демократската култура.
Граѓаните треба да останат фокусирани на содржината, а не на политичкиот спектакл. Во денот на изборите, одлуката треба да се базира на резултати, програми и интегритет – а не на навреди и симболи.
Дестан Јонузи




