Украинското Министерство за надворешни работи остро го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговата изјава дека војната во Украина ќе заврши ако престане да се испраќа оружје во таа земја. Изјавите на Орбан „покажуваат патолошко непочитување кон Украина и украинскиот народ кој се бори против руската агресија“, соопшти Министерството во објава на својата веб-страница, обвинувајќи го унгарскиот лидер за „политичка кусогледост“.
Орбан на тој начин работи на поразот на Украина, без разлика што тоа ќе ја зголеми опасноста од руска агресија кон Унгарија. Унгарскиот лидер треба да се запраша дали сака мир, соопшти Министерството.
Во претходно интервју, Орбан истакна дека „Украина може да продолжи да се бори се додека САД ја поддржуваат со пари и оружје. Ако Американците сакаат мир, тогаш ќе има мир“. Односите меѓу двете соседни земји се тензични. Орбан неколку пати се обиде да ја блокира поддршката на ЕУ за Украина, како и санкциите против Русија.
Тој, исто така, беше виден во јавноста како носи шал со насликана мапа на Голема Унгарија, вклучувајќи ја и украинската територија, додека имаше контроверзии за унгарското малцинство во Украина. Унгарскиот лидер одржува силни односи и со рускиот претседател Владимир Путин, а Унгарија останува во голема мера зависна од рускиот гас.