„Нашето членство во ЕУ не е само прашање на престиж или економски развој, туку прашање на нашата безбедност. Затоа што со тоа што ќе бидеме членка на Европската унија, ќе имаме повеќе поддршка, повеќе солидарност од другите членки на Европската унија. А јас сум сигурен дека ова ќе има застрашувачки ефект врз Русија, затоа што Путин, тој е диктатор, се плаши од солидарноста помеѓу демократските европски земји“ изјави Олександр Мережко, пратеник во Врховна Рада на Украина во интервју за „Цивил Медиа“.
Тој како пример за тоа ја дава Финска, која не беше членка на НАТО, но Путин не ризикуваше да ја нападне.
„Една од причините зошто Путин ја нападна Украина беше затоа што не бевме членка на НАТО. Да бевме земја членка на НАТО, Путин никогаш немаше да ризикува да нé нападне. Ние го разбираме ова, а и целиот свет го разбира ова. Затоа е толку важно, исклучително важно за нас да се приклучиме на НАТО што е можно поскоро“ рече Мережко.
Како што кажа тој принципиелната политичка одлука Украина да стане членка на НАТО е веќе донесена, а прашањето е, не дали, туку кога Украина ќе стане полноправна членка на НАТО.
„Секако, има некои политичари кои велат дека треба да го одложиме ова прашање, да го одложиме за кога ќе заврши војната. Но, вистината е дека ние не знаеме кога ќе заврши војната. Воената состојба може да продолжи некое време. Но, моето лично мислење е дека треба да станеме НАТО членка што е можно поскоро, како Финска. Според мене и многу политичари во мојата земја, Финска стана еден вид на пример. Потребно беше помалку од една година да стане членка на НАТО. И штом станеме членка на НАТО, тоа ќе ја сопре руската агресија и ќе даде гаранција за безбедност. Затоа е клучно прашање за нашиот опстанок“ рече Мережко во интервјуто за „Цивил Mедиа“.