Владејачката партија СДСМ денеска ја одржа големата национална трибина во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, со што го заокружи караванот трибини „Силно и одлучно кон иднината“.
На трибината свое обраќање имаа генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ и лидерот на партијата и премиер Димитар Ковачевски.
Ја започнавме годината со јасна визија и обврска. Одлучивме да се менуваме, да бидеме подобри и поуспешни, не за себе, туку за граѓаните и државата. Од првиот момент, ниту јас, ниту моите колешки и колеги, не застанавме на тој пат ниту еднаш! Посветено, чесно и целосно се внесовме во спроведувањето на нашите обврски и ветувања, изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина „Силно и одлучно кон иднината“ во Скопје.
Ковачевски истакна дека во време на најголемата безбедносна, енергетска и економска криза во Европа по Втората светска војна Владата се втурна во подобро, поефикасно и побрзо испорачување на решенија, мерки и одржливи политики.
Премиерот додаде дека „најважно од сѐ што успеавме да создадеме и искрени пријатели во светот кои сакаат да ни помогнат, а во регионот, заедно со претседателот Вучиќ и премиерот Рама си помагаме и ги намалуваме нашите проблеми во Отворен Балкан“.
Кој можеше да претпостави дека во една година ќе биде признаена Македонската православна црква, дека македонскиот јазик ќе е потврден во ЕУ со договорот за ФРОНТЕКС? Кој можеше да претпостави дека тој договор ќе биде потпишан од сите земји членки и истовремено одобрен и од Грција и од Бугарија? Кој можеше да препостави дека во Грција ќе се регистрира Центар за македонски јазик? Дека нашата Медиумска информативна агенција ќе отвори своја канцеларија во Софија? Е тоа се придобивките од државничките одлуки, рече Ковачевски.
Според Ковачевски, македонскиот јазик, историја и традиција се загарантирани и сигурни и тие се нашиот темел на европската куќа и дел од историјата и традицијата на Европа.
Направивме голем успех за државата. Ако претходно успеавме со полноправното членство во НАТО, ние, СДСМ со поддршка на граѓаните, до крај ќе го истераме нашето полноправно членство во Европската Унија. Бидете убедени во тоа, порача Ковачевски.
Лидерот на СДСМ се осврна на дејствувањето на опозиција. Тој рече дека „опозицијата нуди широк избор на лесни и лажни одговори на тешките прашања, но никако не сакаат да помогнат да се решат“. За неговите политички противници само две работи се важни – фотелјата и парите и за нив ништо друго не постои.
Кога ние повикуваме на национално и државно единство, од другата страна се соочуваме со гол, евтин и опасен популизам кој е базиран на национализам, лажен патриотизам и примитивизам. Дали станува збор за лев или десен популизам, резултатот е ист. Исти се, рече претседателот на СДСМ.
Ковачевски рече дека опозицијата не нуди аргументи, рационални причини, логика.
И едните и другите ги спојува пристапот на создавање на внатрешни и надворешни непријатели. А демек, тие биле народот. И ниту еднаш не понудија аргументи, рационални причини, логика. Но затоа, секој ден сејат само лаги, стравови, црнила – за да го остварат својот интерес. И не треба да ги анализирате премногу, и едните и другите, и наводно леви, и наводно десни – личат како јајце на јајце. Имаат лошо однесување. Се обидуваат да печалат поени со пцовки, со закани, со влечење по улици и бришење подови, рече Ковачевски.
Според него, „опозицијата профитира од навреди кон протвникот и сите кои ја говорат вистината, особено жените и создаваат политички капитал со тоа што со противниците започнуваат борба за живот и смрт.“
Постојано создаваат кризи. Кога се опозиција доволно е на граѓаните да им понудат лаги и омраза. Кога се власт – мора и нешто повеќе. Е за тоа не ги бива. Погледнете го само примерот на Скопје и сѐ ќе ви биде јасно. За само една година, направија пепел, комплетно го блокираа животот и развојот во градот. И повторно, прават кризи, растурања, блокади. Впрочем, само тоа и го знаат најдобро, покрај криминалот, истакна лидерот на СДСМ.
Според него, опозицијата е на спротивната страна од сѐ што е демократска институција, дебата, контрола, аргументи…
Сѐ што е демократска институција, дебата, контрола, аргументи опозицијата го смета за свој најголем непријател, а бидејќи немаат ниту знаење, ниту аргументи – го користат народот како свој штит, па противниците ги прогласуваат за непријатели на народот“, рече Ковачевски.
Тој рече дека со нив и слични клонови Македонија беше заробена држава поради што ни требаа години за да се вратиме во групата демократски држави.
На нашиот европски пат има сериозна закана, а тоа е Левица. Уште поопасна, затоа што целосно го има земено во заложништво Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Го имаат земено во заложништво затоа што е слаб, нема став, нема визија, нема одлучност. Тие веруваат дека, колку е полошо за земјата – толку е подобро за нив, рече премиерот и претседател на СДСМ.
Тој смета дека тие се „реална закана за земјата, за сегашните и идните генерации и дека се закана да се спречи европскиот пат, а државата да се врати во неизвоеност, изолација и внатрешни поделби“.
Ако тоа се случи, ќе станете со лажно чувство на гордост наутро, но навечер ќе си легнете гладни и сами, непризнаени и осамени. Тоа ние нема да го дозволиме. И повторно, решенијата лежат кај нас. Во СДСМ и во сите други прогресивни сили, наши коалициони партнери, присутни вечерва со нас, кои ги поздравувам, кои мора повторно да бидат мнозинство. Кои повторно мора да бидат гласни, јасни и силни, изјави Ковачевски.
Првиот човек на СДСМ потенцира дека „не смееме да дозволиме да гасиме пожари, ако може да ги спречиме и дека немаме право заради комоција, нечии интереси, мрзеливост или надменост да дозволиме празните популисти, финансирани од странски и домашни криминални пари да ја вратат државата во тунелот без крај.“
Тие што нашите обврски кон граѓаните ги заборавиле или не ги исполнуваат, одговорно ви велам дека ќе им се заблагодариме. Ниту имаме можност, ниту смееме, ниту ќе дозволам толеранција кон неефикасност, неспособност, нечесност. Јавно кажувам. Мора да има ред, знаење и работа. Мора да има дисциплина, оцени Ковачевски на трибината.
Т. Г.
Ковачевски рече дека нема намера заради малкумина да се загрози се што е направено и се што треба да се направи за оваа држава и народот да одат напред.
Нашите вредности и принципи мора целосно да ги спроведеме. И во економијата, како што правиме, и во демократскиот систем, како што правиме, и во борбата против криминалот и корупцијата, каде што има уште многу што да се прави, каде мора да се сработи повеќе. Бидејќи така ветивме, и мора да испорачаме и исполниме. Тоа е приоритет, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека со работа, чесност и ефикасност може да се спротивставиме на сите кои сакаат да застанат на европскиот пат на земјава и да продолжиме напред.
Ковачевски изрази разочарување од уште едниот пораз на правната држава и доказот за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи и порача дека судството мора да најде начин да биде поефикасно и да сработи многу подобро и побрзо во интерес на правдата и во интерес на граѓаните.
Но јас секогаш кажувам и вечерва ќе повторам, судството е независно, и јас никогаш нема да се мешам во ниту еден судски процес, судницата не е место за решавање политички проблеми. Ако некој се плаши од враќање на стариот режим, одговорот ќе биде на изборите. Затоа СДСМ ќе ги вложи сите напори да победи на следните избори и да ги спречи учениците на Груевски да се вратат на власт, рече Ковачевски.
Време и место за евтина политика не треба да има, на такви популисти нема да губиме енергија. Сосема сум свесен за последиците од децениските разочарувања, стоење во место, политичките препукувања, кризите од надвор и внатре. И јас сум човек и граѓанин, кој сака повеќе, подобро, побрзо. Сака да види средена и држава со оптимизам и внатрешна позитивна енергија, изјави лидерот на СДСМ.
Тој рече дека со таа обврска за да успееме тој живее и работи од првиот ден како премиер, бидејќи лично ја има најголемата обврска и одговорност.
Токму затоа, сакам да повикам на доверба од Вас почитувани граѓани. Да побарам поддршка не за едни, за сметка на други. Да побарам поддршка за единствените, заедничките, вистинските одлуки. Да побарам поддршка конечно да ги научиме грешките од минатото, и најважно од сѐ, да не ги повториме. Да побарам поддршка да не броиме жртви, но да броиме мали, секојдневни победи и успеси во секојдневниот живот, рече Ковачевски.
Тој истакна дека ова е ново време кое треба да даде простор и поддршка на знаењето, на чесните и конструктивни граѓани кои бескомрпмисно си ја сакаат држава.
Ова е време, шанса конечно да ја средиме државата.Ова е време да покажеме дека европската интеграција значи ред и поредок, економски стандард, безбедност и здрава животна средина. Да покажеме конкретно дека можеме и ние да бидеме држава, во која се признава и наградува доброто и чесното, а се казнува лошото и криминалното. Да покажеме дека сите сме исти пред Уставот и законите, на дела, не само со зборови. Јас имам таква визија, јас имам таква обврска пред себе, пред вас и пред сите граѓани. И најважно од сѐ, имам и верба, и волја и оптимизам дека можеме да направиме многу, заклучи Ковачевски.