Посетата на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан на Северна Македонија ги отварa вратите за неговите политички и економски интереси и го зајакнува влијанието на оската на илиберализмот кој го има како на Исток така и на Запад, велат познавачите на политичките збиднувања во земјата и на меѓународната сцена, коментирајќи ја дводневната посета на унгарскиот премиер и неговиот владин кабинет на Северна Македонија.
– Се отвараат вратите пред сè за Орбан, т.е. за неговите политички и економски интереси, несомнено и за зајакнување на влијанието на оската на илиберализмот кој го има како на Исток така и на Запад. Со посетат на Орбан се отвараат вратите не само за Путин, туку и на Трамп), вели за „Фронтлајн“, универзитетската професорка Ана Чупеска.
Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор во НАТО, Нано Ружин, средбата меѓу премиерите Христијан Мицкоски и Виктор Орбан повеќе ја гледа како билатерална, на која, вели дека, најверојатно ќе се зборува и за руските позиции, односно за позициите кон украинската криза.
– Сметам дека од денешен аспект не сме во состојба да ја менуваме нашата глобална стратегија кон војната во Украина, а постојат и извесни принципијалности – бидејќи во таков случај би се предизвикала голема реакција од САД и ЕУ – доколку настојуваме да ја менуваме политиката кон војната во Украина. Без разлика на посетата на Орбан мислам дека остануваме на иста линија. Надворешната политика на Северна Македонија не е независна, таа треба да ги исполнува и да ги следи принципите на НАТО и ЕУ, изјави за “Фронтлајн“, Ружин.
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, заедно со делегација на унгарската Влада, денеска и утре, ќе биде во официјална посета на Северна Македонија. Во еден од охридските хотели, според најавата, владите на Северна Македонија и на Унгарија ќе одржат и заедничка седница.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски важат за блиски со Орбан и неговата партија Фидес.
Набргу по формирањето на Владата во Скопје во јуни, за време на самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договори Северна Македонија да земе кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра. На 17 септември законот за унгарскиот кредит беше изгласан и во Собранието.
Во Унгарија се наоѓа и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски. По паѓањето од власт, додека во земјава се водеа повеќе судски случаи против него, Груевски во ноември 2018 година избега во Будимпешта каде доби политички азил.
Дестан Јонузи