#FrontAction
Веќе помина недела дена од масовните забави и спектакли кои што направија проблесок во главниот град, а богами и во другите градови ширум Македонија. Проблесок кој рефлектираше со 350 заболени дневно, и преполнети одделенија на инфективно.
Преку “Aнѓеле” до луда техно журка– кревко се држиме на нозе и се молиме респираторите да не бидат приклучени – и новите заболени да поминат со лесни симптоми, кои патем се многу млади – и старосната граница се движи од 20 до 29 години. Морам да кажам, дека се дружам многу, цело време. Излегувам, и во кафеани, одам и на настани, дури бев и на поголема прослава, се поздравувам со тупаница и стриктно носам маска и држам дистанца. Ако сакам да се фотнам за Инстаграм – се сликам и ја враќам маската, на маса во ресторан се обидувам да не се лепам до некој кој е излезен со мене.
Поентата ми е – значи живеам нормално, не ми застана животот, само доби уште еден аксесоар – маска. Дистанцата ми е физичка, но не и социјална – и најискрено не би можела да издржам уште еден карантин. Бидејќи одвај ги преживеав претходните. Низ тунелот на одлуки и реквиемот на нашите сеќавања од март, мора да перцепираме и резонираме – дека враќањето кон рестриктивни мерки – би значело како психичко разнишување, така и економско, така и социјално. Но сами како поединци сме одговорни за тоа. Нашиот одраз во огледало ја продолжува или смирува пандемијата, не ни се одговорни надлежните – не може министерот за здравство да ни залепи маски на лицето – и покрај сите казни и закани – секогаш ќе има несовесни и неодговорни граѓани – ние го научивме тоа.
И не – не е лошо што имало забава, никој не ја забранува забавата како таква, ниту пак сум против неа. Лошо е што во ниеден момент од тие 4 часа не биле почитувани мерките и препораките, и тоа е поразително пак за нас како народ и како поединци. Бидејќи ако можете да спиете мирно со мислата во глава дека денеска можеби сте заразиле некој – тогаш секоја чест, вас Ковид-19 не ви може ништо.
Време е да се разбудиме од сонот на амебата и да преземеме одговорност врз суштинските приоритети. Зошто здравјето не само што е најважно туку е и основно право на секој човек. Загрозувајќи го сопственото, го загрозуваш и моето и тоа е навистина за осуда.
Но нема суд кој може да ја пресуди тежината на одлука од типот “ Не носам маска – корона за мене не постои” – има само последици кои веќе 9 месеци глобално го распарчуваат светот.
А и ние веќе пукаме по шавови.
На крај на писмово – молам…забавувајте се – и јас го правам тоа, во континуитет, без престан, ама почитувајте ги мерките, здравје вредат.
Ве сака В.