Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
До пропагандните гласила на Мицкоски и радикалната десница која, гледам, на секое го злоупотребуваат моето име и презиме кое одекнува звучно, а особено звучно е презимето кое, за волја на вистината, не по моја вина, звучи како да сум српски православен патријарх или владика. (смеа)
Имено, приметувам дека пред името и презимето ми ставаат титула “политички аналитичар”. Таквото титулирање ми се гади, веднаш да ви кажам. Ми се гади.
Во медиумите настапувам – како што и од секогаш сум настапувал – лично како граѓанин, слободен човек, настапувам како некој кој избрал да живее во оваа земја и да ги трпи сите лоши и помалку лоши последици.
Моето оружје е јазикот, зборот, пишаниот збор е мојот алат. Натаму, јас себе не се гледам никаде надвор од просторот на мојот јазик. Ако бев толку паметен и успеев да зборувам втор јазик, верувајте ми, одамна ќе бев во друг јазичен простор и во друга географија. Ама бидејќи не сум до толку паметен, одбрав да живеам тука. Одбрав, никој не ме присили.
Од друга страна, медиумите најпрво ме приметија преку текстовите. А потоа видоа дека „овој Јовановиќ знае и да зборува“, па некако фино им се виде таа вербализирана политика, а фино им се виде и тоа возбудливо име и презиме. Последно време почнувам да се соживувам со тоа име и презиме, па на себе си велам, „боже, како овој Јовановиќ добро се забавува“.
Значи, да скратам.
Политички коментатор или колумнист на Фронтлајн.мк, пред името и презимето е сосема доволно и исправно. Едноставно е најблиску до тоа што навистина сум.
Фала на разбирање, веројатно ќе се разбереме.
Текстот е личен став на Авторот.