Во воениот извештај од фронтовите во Украина, кој ги опфаќа настаните до 9 часот наутро по средноевропско време, на 26 февруари 2022, се објавуваат транскрипции од брифингот за печатот на Канцеларијата на претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Претходната ноќ беше тешка, бидејќи Руската Федерација ги искористи сите свои ресурси и резерви за да предизвика максимални загуби на голема територија. Тоа не се случи. Вооружените сили заедно со Националната полиција целосно ја контролираат ситуацијата и територијата над нашата држава“ информира Михаило Подолијак, советник во кабинетот на украинскиот претседател.
На јужниот фронт во Украина во тек се борби во Керсон, Миколаев и Одеса. Овој сектор на фронтот е стратешки важен за Русија. Но и покрај жестоките удари од руска страна, нема знаци дека рускиот напад бележи успех.
„Нема да успеат“ – рече Подолијак.
Киев е приоритетна насока за рускиот агресор. Клучната цел на „специјалната операција“ е ликвидација на политичката и воената власт на Украина. За да ја постигне оваа цел, руската армија направи напори да довлече максималното количество воена муниција и вооружени сили до Киев. Си-Ен-Ен објави дека голем станбен блок бил погоден од руските ракети. Новинската агенција Ројтерс јавува за борби на улиците во периферијата на Киев.
Ова го потврдуваат и украинските извори, кои притоа изјавуваат дека во и надвор од градот Киев ситуацијата ја контролираат украинските одбранбени сили.
„Забележуваме акции на одделни тајни субверзивни групи во Киев против кои ефикасно работат Националната полиција и претставниците на единиците за територијална самоодбрана, додека во нејзините предградија ефективно се поддржани од вооружените сили на Украина“ – се вели во брифингот од кабинетот на Зеленски.
Понатаму, се водат жестоки борби за Мариупол. Во овој момент градот добро се држи, а извештаите од фронталната линија во Мариупол говорат за тоа дека градот нема да се предаде и дека рускиот агресор, и покрај големите напори, нема шанси да го заземе.
Од брифингот од кабинетот на украинскиот претседател, се дознава дека во текот на ноќта, во многу градови беа активирани сирените за тревога од воздушен напад, бидејќи руската армија активно ја користи артилеријата.
Според редакциските анализи, во артилериските напади на дел од фронтовите е вклучена и артилеријата на 338-ма Артилериска гарда на редот Двинск на Александар Невски – Реактивна артилериска бригада (руска кратенка: 338 РЕАБР) на руската армија опремена со мултиракетен систем од типот БМ-27 Ураган.
Во нападите на украинските градови е вклучена и руската воена авијација која врши директни воздушни напади врз украинските градови.
„Како и да е, би сакал да нагласам дека до 7 часот наутро на 26 февруари, и покрај обемното вооружување и резерви користени за активна операција од страна на Руската Федерација, нејзините вооружени сили не стекнаа тактичка или оперативна предност. Тоа значи дека Украина не само што издржа, туку и победува во оваа битка. Активно работат вооружените сили, Националната полиција и Територијалните единици за самоодбрана. Украинскиот народ знае како да ја заштити својата држава“ – изјави Подолијак на утринскиот брифинг кај претседателот Зеленски.
На брифингот, јавноста беше информирана и дека претседателот Зеленски и денеска на агендата има голем број разговори со претставници на западните сојузници за формирање „исклучително ефикасна коалиција против Руската Федерација“.
„Владата работи и на управување со економските прашања. Државата е управувана и контролирана. Ова е важно и мораме да го сфатиме, затоа што циркулираат огромен број лажни вести за да предизвикаат паника меѓу луѓето и да ги обесхрабрат да веруваат во победата“ – заклучи Подолијак.
За разлика од украинските власти и нивното дипломатско претставништво во Скопје, руските власти се прилично „скржави“ во обелоденување на информации од теренот.
Подготви: Џабир Дерала