пишува: ТАЊА КАРМЗОВА КОСТИГЛИОЛА
Просто немам што да ви напишам за 2021, ниту пак имам намера травијално да ѝ се обратам. Не можам да ја ситуирам помеѓу бурлеска на општествено ниво и елегична трагедија на стапка на личност и приватност.
Ох, да, ќе биде запаметена како инквизициски суд во Среден век, како арамија во улога на робовладетелски инкасатор кој собира данок во крв, небаре почвата не е веќе преполна. Онаму кадешто требаше да научиме солидарност, многумина на пиедестал ја ставија себичноста и плукаа отрови, можеби затоа што тоа е единственото нешто со кое им се полни душевните бунари. Имаше светли примери на неизмерна човечност и човекољубие, што за среќа одвреме-навреме блеснуваа како паралелни сонца и ни даваа увид врз сенките, за да се вардиме.
Желбите се исти од оној момент кога светот се преврте како казан со врела чорба врз кревките наши стапала. Немам нови. Ниту датумот, ниту промената на годината не ми се поголема инспирација од оној идеализам што наивно го хранам со децении, оној за глобален мир и општа благосостојба.
И, иако сум совршено свесна дека тоа е процес, а не цел, си дозволувам да го дефинирам како сублимиран врв на постоењето.
Ќе бидам малце како бабите, за крај: со ум вечерва, и утре, и задутре. Никој не функционира сам со себе, сам за себе. Не сте желудници со нозе, комплексни организми сте изградени од специјализирани системи. Епа така е и со човештвото. Зависиме едни од други, си требаме едни на други, умееме само едни со други, колку и ова да ви звучи клише.
Лошотиите оставете ги негде во 2021, друго и не заслужила, дозволете си емпатија, грижа и совест во Новата година, тоа е најдобар подарок што можете да си го подарите себеси и на блиските.
Текстот е личен став на авторката. Сите права се задржани.