Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Имајте љубопитство и трпение да го испиете овој чај против катастрофизмот.
Кој забрзано преминува во фатализам.
Со многу реалните извори и причини кои во меѓувреме ферментираат и се претвора во платформа на која модерноста и прогресот, сепак, ќе ги победат силите на назадњаштвото, на мракот и на смртоносната понуда.
На светските Владимири на војната.
Тоа не е само порака на моралноста, туку е и израз на историската закономерност за која повеќе ќе разберете сркајќи од течноста што ви ја подготвив.
Одиме по ред:
„Чувството дека проживуваме промена без преседан, никогаш не било поинтензивно и пооправдaно.
Промена без преседан, затоа што прв пат се однесува на сите луѓе, свесно здружени во една заедничка историја – и затоа што не постои ниту еден вид на стварност, ниту една област на духот, која таа промена не ја допира.
Едно ново геолошко доба ја издигнува кората откако ги поремети најдлабоките слоеви на менталната планета. Секој од нас го доживува токму сега искуството за кое загадочно говорат најстарите митови: да влезе за време на животот во свет во кој може да воскресне само умирајќи во самиот себе, спуштајќи се жив во пеколот.
Не беше потребен еден човечки живот – едвај четврт век, тамам колку да се надмине една младост – за да видиме како се преобразува историската стварност на нашиот свет како и неговиот секојдневен пејзаж; и како се тетерават, уриваат, најдобро обезбедените перспективи на нашата мисла и на нашата култура.
Расклатени се, ете, отфрлени, најцврстите поими, најстарите и најприродните очигледности; растурени се најпостојаните, најцврсто поставените системи. Ете како најсигурните правци на нашето делување и на нашиот дух ненадејно се сопираат, потоа се разгрануваат.
Никој денеска не може да избегне да ги отвори очите. Но направивме сѐ да ги отвориме што е можно покасно. На неизбежното одложување на пренесувањето, поради што добата на изумите не е и доба на културата, поради кое наставата секогаш ги следи откритијата од доста голема дистанца, се додаваат и посебни отпори: така стари беа нашите навики во мислењето и во животот, така цврсто поставени и особено така поврзани со нашата природа… Не само што се одбранивме од новите очигледности: ни се случува да продолжиме да живееме, да мислиме и да чувствуваме, како да не сме ги сретнале. Удвоеноста, единствената чест која што би можеле, без многу лаги, да му ја оддадеме на стариот поредок: двојноста која многу кажува за слагањето кое не врзуваше за него. Се случува нашиот суд да се одвојува од нашето верување, премногу слабо – или, повеќе, премногу надворешно за нас – за да превагне. Она во што веруваме, чувствуваме, правиме, често му противречи на она што мислиме или не води сметка за тоа. Исто е и со она што го проповедаме.
Нашата настава упорно сака да го овековечи поредокот на работите кој има смисла само во функција на границите и единството, кои токму во овој момент, ги раскинува проширувањето и преобразбата на знаењето; таа го растегнува, со знаечка и очајна гимнастика на дишењето, тоа големо тело кое се уште плови на водите на новиот потоп и кое се вика: општа култура.
Околу нас, меѓутоа, и пред нас, во нас, сѐ е сменето.”
Идејата на овој текст е да се растурат, колку-толку, темните облаци од фатализам кои секојдневно ги продуцира умот кој решил да го затвори хоризонтот, да ги спушти ролетните затоа што му се чини дека успеал да се убеди себе си во сопствената немоќ, пред себе, пред времето и пред историјата.
Текстот е колаж од феноменалниот вовед на Гаетан Пикон во неговото капитално дело кое се вика „Панорама на современите идеи“. Некои парчиња веќе ги имам пласирано во своите колумни и статуси така што им се извинувам на оние на кои тоа повторување може да им предизвика нервоза, но овие поопширни наводи ми се видоа многу соодветни на актуелната драма низ која минува човештвото.
Црните тонови, разградувањето на системите на организацијата и особено вредносните системи, убиството на чудоредноста, раскинувањето со традиционалните погледи, расчекорот меѓу техничкиот прогрес и регресот на умот и на менталната сила и кондиција на човекот, се јавуваат во некакви помалку или повеќе правилни циклуси. Пикон го пишувал воведот во својата „Панорама“ во 1956 година. Не верувам дека нешто значајно би сменил да може да стане и да го дополни тој вовед за некое денешно издание.
Уште помрачен е погледот на Пол Валери од 1919. „Бездната на Историјата е доволно голема за целиот свет. Една цивилизација има иста кршливост како и еден живот… На нашата генерација не и беше доволно да научи на сопственото искуство како најубавите работи, најстарите и најогромните и најускладените, можат да исчезнат во несреќен случај: таа виде во областа на мислите, на здравиот разум и чувствата, како се случуваат необични појави, ненадејни остварувања на парадокси, брутални разочарувања на очигледностите.
Андре Малро и Карл Јасперс ќе ги потврдат визиите на Валери посматрајќи ја трагиката на Втората светска војна.
Овие анализи се големи остварувања на човековата мисла. Периодите на мир и просперитет кои се одвивале во меѓувреме, не се потврда на тоа дека тие биле препесимистични, туку дека благовремено и драматично укажале на опасностите кои светот, можеби соочен и со нивните опомени, успеал да ги надмине. Да се регенерира, ако не да се спаси, да се постави на нови основи.
Ако внимателно ги прочитате нема да ви биде тешко во тие видувања да откриете и моменти во кои ќе ја препознаете драмата низ која минува Македонија. Нашите верувања се различни од нашите ставови и од нашите проповеди, нашата кршливост е недофатлива за нашиот ум, како и брзината на промените, неуловливоста на случајностите, нашата историја е расклатено столче на кое се клацкаме со јажето околу вратот, вредносната академија на социјализмот ја претворивме во септичка јама…
И целиот свет, се разбира, е обезтемелен во умот и верувањата на луѓето, особено во врска со руската инвазија врз Украина, но и пошироко во врска со кризата што ја наметнува капитализмот како економска, социјална и културна формација која продуцира несовладливи проблеми, од климата, до безбедноста и сите аспекти на животот.
Јас мислам дека во овој момент топката на светот се грчи во Украина и дека во победата над руската империјална визија и политика тој грч ќе се претвори во сила која топката на прогресот повторно ќе ја одлепи од дното и ќе ја крене во висок скок. Таа победа ќе биде генерален пораз на идеите за територијални освојувања, за етнички групирања, но и основа за нови односи во енергетскиот и геополитичкиот сектор.
Македонија има само еден капитален проблем: ВМРО.
Како историја, како менталитет, како мит, како политички концепт, како култура.
Како што светот треба да се справи со рускиот империјализам така Македонија мора да се справи со вмронскиот кретенизам.
Тие се нашите путински денацификатори.
Не е можна кохабитација.
Односно можна е како продолжена агонија.
Или тие ќе нѐ денацифицираат нас или ние ќе го убиеме вмрото во себе.
Нема трето.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.