Пишува: ЕЛИЗАБЕТА СЕКИРАРСКА
И ето. Пробиен тестот. Јас навистина не гледам зошто би се изненадувале. Уште ли ќе се фрапираме и ќе глумиме очај заради нешто што за нас веќе е така нормално, да секој исчекор кон исправноста се чини невозможен? Сепак постојат неколку нешта кои би било чесно да си ги изговориме:
Пред сè, само користењето на различните формати на снаоѓање, наспроти чесниот труд и билдањето на знаењето како универзална потребност за цел живот, единствено и може да се очекува од детето, ако предолго веќе живее, расне, зрее, се воспитува и учи во атмосфера на комплетна изместеност на сите вредности. Неа ја дише, таа му овозможува да креира поглед на тоа како изгледа патот распослан пред него. Оној кој ќе го чекори и оној кој го сфатил како Ништо не мора. Освен да се снајде.
Во атмосфера на длабоко етаблираниот систем на непотребност.
Во атмосфера во која четирите години, најубавите, најубавите, најубавите години, во кои толку многу може, а толку малку сака, спокојно ги прифаќа како време во кое треба да одседи во клупите. Секој ден. Недели. Месеци. Години.
Во атмосфера на предолгото третирање на виталната општествена сфера-образованието, како прифатен центар за најподобните, наместо најспособните.
Во атмосфера во која родителската улога се сведува на атак врз учителот на крајот на годината, кога детето му негово мора да ги има сите петки.
Во атмосфера во која родителот смета дека детето му е малтретирано, затоа што испитот на ЗРЕЛОСТА треба да го полага без да препишува. Дека на детето му се кршат правата, ако од него се бара да го остави мобилниот пред да влезе во салата за полагање. Кој е па тој тестаторот кој проверува има ли телефон, што се замислува тој? Земи си, мило, три телефони. Немај гајле.
Во атмосфера во која сосема комотно ќе одбива да си прифати дека неговото дете не знае и дека тоа незнење е цената која еден ден, некој друг ќе ја плати: како пациент кого тој ќе го лекува, како ученик кого тој ќе го учи и воспитува.
Во атмосфера во која секој обид да се направи правилното, однапред е осуден на неуспех.
Во атмосфера во која свети тестатор да си, оди постапи според процедурите да те видам, а да не те поплукаат сите по ред-и децата, и родителите, и колегите конечно.
Така е тоа, да. Тоа што сите ние, во различни улоги им го им нудиме на децата, тоа ни го испорачуваат.