пишува: САШО ОРДАНОСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА
„Нема потреба Мицкоски да ми се извини за 27 април, повеќе треба да ми се извини Зоран Заев“, изјави – и остана жив – Зијадин Села во интервјуто пред некој ден на ТВ24.
Ова „остана жив“, во случајот на Села, не е само реторичка фигура, бидејќи тој во обидот за државен удар во Собранието на 27 април 2017 година одвај, буквално, спаси „жива глава“ (иако и ова лични на реторичка фигура, бидејќи тешките повреди му беа нанесени токму врз главата). Додека траеше „спасувањето на Заев“ во инцидентот во Собранието, Села веќе беше во длабоко бесознание со голема неизвесност дали воопшто ќе преживее, без можност да учествува во расплетот на таа добро документирана (а и со судска завршница „оверена“) драма.
Зијадин Села, тоа го знам и од интервјуата со него што сум имал можност да ги правам, е еден од најинтелигентните политичари на македонската политичка сцена: брз, бриток, без „влакна на јазикот“, со перфектна реторика на македонски (за него, немајчин) јазик, со доволно искуство во политиката за „длабинско“ размислување за состојбите и процесите во македонското општество. Дотолку повеќе наликува на „плиток дриблинг“ кога ќе даде ваква изјава со очигледна предизборна партиска употребна вредност.
Но, неговата изјава ги надминува и само предизборните потреби. Бидејќи, не е само прашање на приватно чувство за тоа кој треба нему да му се извинува – колку што разбрав, од Заев бара извинување заради апсењето и на човекот кој него, Села, го спасувал во настаните во Собранието, импутирајќи му на сегашниот премиер дека тој го правел списокот за обвиненија на Обвинителството во тие собраниски настани – туку и политичката потреба да го правда својот меѓупартиски договор со ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори, за што опонентите злобно ликуваат дека се осојузува, макар и посредно, со оние кои го тепале.
Се разбира дека Села ја разбира моралната дилема во која политички е најден. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не собра храброст и политичка зрелост јасно да ги осуди настаните во Собранието, да преземе одговорност за нив, да се дистанцира, макар и пост фестум, од извршителите на тој нивен партиско-државен дебакл. Персоналните односи и договори меѓу Мицкоски и Села на јавноста не ѝ се познати, но излегува дека Села побргу од Мицкоски настојува да го заборави историјатот и фактите на обидот за државен удар во Собранието, во кој беа натепани многумина, а за неколкумина имаше подготвени и полоши сценарија од она што му се случи на Села.
И ништо од ова немаше политички вака да се компликува, доколку Мицкоски му се извинил на Села, макар и приватно, човечки. Немаше Села сега да изигрува (лош) адвокат на Мицкоски, девалвирајќи ја својата (а и нашата) интелигенција. На пример, ако од Филипче и двајцата овие лидери интензивно бараат оставка за трагедијата во Тетовската болница, со сите разбирливи морално-политички и предизборни контексти, белки едно искрено извинување на Мицкоски до Села за настаните во Собранието на 27 април, со сите разбирливи морално-политички и предизборни контексти, не е премногу да се очекува? Барем од самиот Зијадин Села…