пишува: БИЛЈАНА АРСОВСКА
Од синдромот помодарство имаат заболено повеќе луѓе одошто од ковид. Ова штотуку го изумив јас и очигледно не е научно докажано, ама секој ќе се согласи дека мојава скромна статистика е вистинита. Сепак, во Македонија живееме. Вил Роџерс вели дека премногу луѓе трошат пари коишто не ги заработиле, за да купат работи што не ги сакаат само за да ги импресионираат луѓето кои не им се допаѓаат. Искрено, не ни имам друго објаснување за потребата да се поседуваат материјални добра со звучна знамка кои чинат колку еден брз кредит, освен горенаведенава ситуација.
И нема да се викам Билјана ако не прашам; Која е потребата од сето ова? Нели е ова мазохистички пристап кон секојдневното живеење?! Дали овие луѓе се навистина среќни и дали имаат појма што е хедонизам?
Имав десетина години кога едно утро баба ми ме испрати до продавница. Уште бев по пижами и ни две, ни три, во такво издание отидов до блиската маалска продавница. Задоволна за огромната обврска што ја завршив уште пред појадокот, влегов кај баба ми да и го подадам лебот кога таа извика: „По пижами ли беше во продавница бре дете?!“ Се стресоа прозорите. Наредните 45 минути ми беше одржана лекција дека треба секогаш кога ќе ја напуштам куќата да изгледам примерно затоа што, во спротивно, „Што ќе зборуваат луѓето за мене?!“ Од тој ден почнав да одам во продавница по тренерки… над пижамите, секако.
Од мали нозе нè учат за важноста на туѓото мислење за нас. Ова е посебно нагласено во нашите краишта. „Што ќе кажат комшиите“ менталитет. Ситуацијата станува покритична кога на ова ќе му се додадат социјалните медиуми кои се користат како „Види што имам и каде прошетав“ платформи. Можеби треба кога некој сака да си отвори профил на Instagram или Facebook во Услови и Правила (Terms and Policies) делот да го прашаат: Дали се согласувате неуморно да објавувате содржини со цел вашите ‘пријатели’ да се почувствуваат непријатно и константно да се споредувате со другите? Ако да, штиклирајте Се согласувам.
Како да не е доволно што мора да се грижиме за својот тревник, зошто, нели, важно е што ќе мислат комшиите, сега со социјалните мрежи како да уринираме еден кај друг секојпат кога ќе објавиме содржина што вришти во лицето на нашите следачи: Види колку ми е убав животот!!! Мене ми оди многу подобро од тебе!!!
Проверка на реалноста: Навистина мислите дека луѓето со најбогата репрезентација на социјалните медиуми се најсреќни, најуспешни и најисполнети? Ако да, можеби е време да одморите од овие платформи.
На факултет ја имав честа да ми предава професорот Жига Водовник, ретко кого почитувам повеќе од него. Предава на Харвард, ми предаваше на универзитетот во Љубљана и има издадено многу книги а сепак, на работа доаѓаше со велосипед, скромна облека и имаше мобилен што не беше ни паметен – smartphone. На првото предавање си помислив: Којзнае колку заработува човеков, а носи речиси распаднати патики. Што по ѓаволите?!
Жига ми предаваше неколку предмети, од кои омилени модули ми беа ‘Consumerism (потрошуваштво)’ и ‘Земјите од третиот свет’. Мојата перцепција за брендови беше засекогаш променета откако на едно од предавањата изгледавме документарец за ‘патот на памукот’. Да резимирам, фармерките од Зара, Армани и локалниот бутик се најверојатно направени од истиот памук и сошиени од истата нехумано третирана работна сила во Бангладеш или Индија. Со други зборови, кога купуваме нешто од звучна марка, често не го плаќаме квалитетот, ниту пак некој таму добива повеќе за својот труд, туку, го плаќаме името. Го раниме своето его. Се грижиме за тоа „што ќе кажат луѓето“.
Да бидеме искрени со себе е највредниот подарок што можеме да си го подариме. Да не ги залажуваме другите, а ни себеси, кои сме, да не се маскираме, преправаме и да бидеме слободни (макар и тоа да значи одење до продавницата преку улица по пижами). Да се погрижиме да бидеме среќни и во вистинскиот живот, не само во виртуелниот свет на социјалните мрежи. Да се стремиме кон тоа да бидеме вистински исполнети и присутни во моментот.
Вистината е дека луѓето не се грижат и не мислат толку на вас колку што си замислувате. Туѓото мислење не е вашата реалност. Вашата реалност не е туѓото мислење. За нас добра и здрава промена би било кога би започнале, наместо според фасадата односно надворешното, да ги цениме луѓето според она колку вложиле во развојот на својата личност, колку човечност има во нив и како тие прават да се чувствуваме кога сме во нивна близина. Тоа вреди повеќе од секоја марка.
Текстот е личен став на авторката. Сите права се задржани.