Пишува: БРАНКО ТРЧКОВСКИ
Марко Видојковиќ (1975), е српски писател (Канџи, Сите црвенкапи се исти, Танцот на малите демони…) и колумнист (Данас), музичар… Со новинарот Ненад Кулачин го водат и Подкастот “Добар лош зол”.
Остар критичар е на режимот на Вучиќ. Тврди дека на местото на кое некогаш беше Србија претседателот и неговиот режим ископале огромна дупка. Како што во него и во неговата сопруга во изминативе години дупка ископала Србија. Ми се допаѓа неговиот стил и во пишувањето и во говорот. Чудна мешавина од остра мекоќа или мека остроќа, проста аристократичност или аристократска простоќа, добронамерност, благородност во идејата и во напорот.
На директна интервенција на меѓународниот ПЕН центар, Видојковиќ е релоциран односно изваден е од Србија на сигурно место. Сите информации говореле во прилог на тоа дека му е загрозен животот. Видојковиќ долго време живееше повлечен во домашен притвор во кој го пратија силеџиите кои чувствуваат или уживаат заштита на властите.
Негова теза е дека последиците од режимот на Вучиќ Србија ќе мора да ги отстранува со децении. Како што Македонија ќе мора тоа да ги прави со последиците од режимот на Груевски. Тоа се негови зборови.
Дека е глупо Македонците да се чувствуваат разочарани затоа што груевизмот не е демонтиран за година, две или три. Марко се претставува како полумакедонец. Претпоставувам дека мајка му е Македонка. Но независно од тоа, како писател, колумнист музичар и човек Марко заслужува поддршка. Не знам дали во врска со последните случувања (релокација, еј) се јави Друштвото на писателите на Македонија, ЗНМ, кое јас не го есапам, бидејќи е една тотално искомпромитирана инстанца , но сепак. Или некоја друга адреса.
Мислам дека изразите на солидарност во вакви случаи се многу важни. Ако не се само парадни. Заземањето за Марко е заземање за слободата на говорот, за слободата на секој човек, против насилството од кои било причини, а особено поради критичката мисла и збор.