#FrontAction
Нема полошо чувство од тоа да ја почувствуваш стигматизацијата на своја кожа. Како личност која помина низ Ковид-19 маките, можам да кажам дека живееме во многу незрело општество, полно со осудувачки погледи и оцрнување. Полно со предрасуди, поделби, половични сфаќања, пола прочитал – пола не разбирал. Површност на кило.
Можеби луѓето не знаат доволно за вирусот?
Сеедно.
Никогаш во никоја ситуација, за ништо не смееме да си дозволиме да го дискриминираме другиот- по било кој основ. Посебно кога станува збор за вирус – оти нели сите еден ден можеби ќе го фатиме. Никој не знае од кај го добил вирусот и кај го пренел. Затоа низ оваа тортура мора да поминеме колективно, со отворена свест и со рационално размислување на работите. Јас би рекла – да се грижиме малку повеќе и да се штитиме од сите – со маски и дистанци – а, не само од оздравените, бидејќи е небулозно да се штитиш од некој кој во својот организам има антитела – и да бегаш од него. Оздравените можат да ти помогнат утре доколку ти не дај боже го закачиш вирусот.
Ова е шамар на природата – да ни покаже дека сме испреплетени едни со други, а ние упорно пробуваме да изигруваме себични кловнови додека светот гори.
А дур не ја научиме лекцијата како да го спасиме општествово од лакомоста и себичноста – до тогаш носи маска и држи дистанца – тоа е најмалку што можеш да направиш.
И… потруди се – не осудувај.
Не стигматизирај.
На секој може да му се случи.
Ние мора да сме тука еден за друг, само така постоиме, само така може да се спасиме од чумава.
Јас не можам да ве заразам – можам и сакам само да ви помогнам.
До сите што се борат со вирусот – ДА ПОБЕДАТ!
До сите што се негативни на него – САМО ТАКА ДА ОСТАНАТ!
Ве сака,
В.