По воведените рестриктивни мерки, бројот на нови случаи на Ковид-19 се намалува. Во деноноќието меѓу петокот и саботата, од направени 2.276 тестирања се регистрирани 214 нови случаи на Ковид-19, пријавени се 36 починати, како и 305 оздравени пациенти. Вкупно 200.000 кинески вакцини, што пристигнаа вчера, најдоцна до понеделник ќе бидат дистрибуирани во салата „Борис Трајковски“ и во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, по што од вторник со нив ќе почне масовната вакцинација на населението.
Mинистерот за здравство Венко Филипче во петокот најави дека наскоро се очекуваат и други големи количества на вакцини и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер“, со што очекува до почетокот на летото да имаме висок процент на вакцинирано население и целосно менување на епидемиолошката состојба. Засега е неизвесно пристигнувањето на вакцините на „Астра Зенека“, имајќи ги предвид случувањата со вирусот во Индија која воведе забрана за извоз на вакцини, а дел од овие дози преку КОВАКС системот треба да пристигнат и од индискиот Институт.
Според Филипче, пунктовите за вакцинација се веќе подготвени и најави дека бројката на граѓани што ќе се вакцинира на ден ќе биде помеѓу 10.000 и 15.000 илјади.
Во претстојното вакцинирање акцент ќе се стави на граѓаните кои се веќе пријавени, тие кои веќе чекаат и според возраста и според приоритетот на пријавување. Филипче апелираше граѓаните да се пријават на сајтот vakcinacija.mk и оттука ќе се генерираат приоритетите. – Ќе добијат или СМС порака или меил или двете во форма на известување и согласно тоа ќе бидат закажани во соодветен пункт во соодветно време, изјави Филипче.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 152.581, на оздравени пациенти е 133.070, на починати е 4.891, а бројот на активни случаи изнесува 14.620.