Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
„Критиката не е навреда, абдали! Абдал е навреда.“, оваа сјајна мисла на нашиот другар Роберто Беличанец удира во суштината на неразбирањето на слободата на говор и денес, кога во името на слободата на говор цело општество е постојано под напад не само со дезинформации, клевети и најдолни навреди, туку и на брутално насилство и омраза, што особено се манифестира на интернет и на социјалните мрежи.
„Абдалите“ од мислата на Роберто некогаш, кои се бореа да ја задушат секоја критика, денес се борат за правото слободно да мразат, да оцрнуваат луѓе со лаги, да повикуваат на насилство, па и повикуваат на убиства, бесења, стрелања, да се закануваат на жени, деца, семејства.
Како и тогаш, така и сега, „абдалите“ треба да разберат неколку работи:
Прво и основно, треба конечно да разберат, дека слободата на говор, меѓу најважните човекови права, има свои ограничувања, од највисоките меѓународни конвенции па сè до домашното законодавство.
Критиката е нужна и потребна за секоја демократија, различните мислења и постојаниот јавен притисок врз властите со факти и аргументи се мотор на демократските механизми. Но правото да се критикува и бара одговорност од било кого, не значи и право да се навредува!
Навредите не се критика, туку навреди, драги мои „абдали“!
А заканите пак со куршуми во чело, не се ниту навреди и пцовки, ниту критика, туку говор на омраза, поттикнување на сериозни кривични дела и казниви според Кривичниот законик!
Направете ја веќе еднаш таа разлика, аман! Оти, да си знаеме сите, без оглед како ја разбираме слободата на говор: без елементарна ПОЛИТИЧКА КУЛТУРА, немојте да очекувате никаков напредок, во ниту една област – ниту дома, ниту пак на светските индекси, ниту во европските интеграции.
#SledeTene
#AluminiumOverMaximum
#StopHateSpeech