Во Скопје денеска ќе се одржи вториот Социо-еколошки форум (СЕФ) во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Mеѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес – Институтот за социјална демократија.
На форумот ќе учествуваат и премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи. Ковечевски ќе учествува на панел дискусија „Социјално-праведна енергетска трансформација на Европа”, а Битиќи на панел дискусијата со тема „На демократијата и се потребни демократи, а на енергијата демократизација“.
-Форумот ќе овозможи простор за дебата и дискусија во однос на енергетските политики на земјите од Западниот Балкан и Европската Унија. Предизвиците во поглед на животната средина, зелената агенда, промовирањето на социјалната кохезија преку инвестиции во вработување, квалитетно и инклузивно образование и висококвалитетни услуги за социјална инклузија и заштита, ќе бидат високо на агендата на вториот по ред Социо-еколошки форум. Предвидено е учество на високи претставници од Европа и регионот, од граѓанскиот сектор, експерти на темата, младински лидери, активисти и новинари, велат организаторите.
Тие додаваат дека учеството го потврдиле и Мартин Шулц, претседател на Фондацијата „Фридрих Еберт“ и поранешен претседател на Европскиот Парламент, премиерот на Косово Албин Крути, поранешната министерка за надворешни работи на Шведска – Ан Линде, како и други политичари и експерти од земјата, регионот и ЕУ.
Социо-еколошкиот форум Скопје, велат организаторите, е платформа за размена на прогресивни идеи, кој им овозможува на високите претставници и носители на одлуки од регионот на Западен Балкан и ЕУ да разговараат за потребите и можностите за социјално-праведна енергетска трансформација којашто ќе ја зајакне сигурноста на земјите во снабдувањето со енергија, ќе овозможи одржлив развој на економиите и ќе стави крај на ограничениот пристап и сите предизвици што ги носи употребата на фосилните горива, особено видливи во регионот.