Пишува: МАЈКЛ Р. СТРЕЈН / Project Syndicate
Минатата недела, во еден говор во Њу Хемпшир, поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс објави „непремостлива“ поделба во Републиканската партија помеѓу традиционалниот конзерватизам и популизмот на поранешниот претседател Доналд Трамп, тврдејќи дека вториот е „пат кон пропаст“.
Изборниот запис на Трамп го поддржува аргументот на Пенс. Поранешниот претседател е читирикратен губитник за Републиканската партија. По победата на претседателските избори во 2016 година, Трамп ја загуби својата кандидатура за реизбор во 2020 година. На среднорочните избори во 2018 година, додека Трамп сé уште беше на функција, републиканците го загубија Претставничкиот дом. Во 2021 година, тој ги саботираше републиканските напори за да го добие вториот круг избори за Сенатот во Џорџија со тоа што покажуваше јавни изливи на гнев поради постојаното одбивање на лидерите на државите да го поништат неговиот пораз, предавајќи ја контролата врз Сенатот на демократите. А поддршката за Трамп од највисоките профили на среднорочните избори во 2022 година отиде на кандидати кои значително потфрлија.
Во очекување на претседателски избори во 2024 година, нова анкета на Си-Ен-Ен/ССРС покажува дека кандидатите на републиканската партија кои се најмногу вљубени во Трамповиот популизам – гувернерот на Флорида, Рон де Сантис, претприемачот Вивек Рамасвами и самиот Трамп – сите се статистички врзани во хипотетичен натпревар еден против друг со сегашниот претседател Џо Бајден. Само еден републикански кандидат го победи Бајден во анкетата: Ники Хејли, поранешната гувернерка на Јужна Каролина и амбасадор на САД во Обединетите нации. Анкетите по нејзиниот извонреден настап во првата примарна дебата на републиканската партија минатиот месец, исто така, покажаа дека значителен број на републикански гласачи гледаат на Хејли во ново светло.
Неодамнешното нагло искачување на Хејли може да одрази многу фактори, не само нејзиниот темперамент. Како и Трамп, таа се претставува себеси како тврд борец кој е спремен да се спротивстави на вкоренети интереси. Но, наместо личност на бесен популист, Хејли покажува сигурна решителност. Таа не се впушта во политиката на огорченост и жртва што го карактеризира Трамповиот популизам.
На пример, таа беше запрашана на еден настан на Си-Ен-Ен ова лето за основата на нејзиното политичко лидерство. Трампски популист би беснеел против елитите, ветувајќи дека ќе се бори во името на масите. Наместо тоа, Хејли одговори дека „вербата и совеста“ се „над сé“ за неа. Таа зборуваше за реципроцитет и меѓусебните обврски на живеењето во заедница, велејќи дека „најдобриот начин да го цениме Господ е да возвратиме“.
Кога опишуваше зошто сака да биде претседател, кај Хејли не одекна борбеното, исполнето со поплаки инаугуративно обраќање на Трамп, каде што вети дека ќе стави крај на „американскиот масакр“. Наместо тоа, таа говореше со фундаментален оптимизам што го анимираше американскиот конзервативизам: „Кога навистина се фокусираме на верата и семејството и земјата и идејата дека Америка е најдобрата земја во светот, тогаш ќе дојдат нашите најдобри денови“.
Покрај темпераментот, ставовите на Хејли за јавната политика – и вредностите пренесени со тие ставови – повеќе се усогласени со традиционалниот американски конзерватизам. Сосема спротивно на Трампските популистички кандидати, Хејли беше експлицитна дека САД има директен интерес во Украина да ја победи Русија. Во текот на дебатата на републиканската партија минатиот месец, таа го означи конфликтот во морална смисла, како борба меѓу „доброто и злото“.
Во однос на фискалната политика, Хејли, исто така, претставува оддалечување од Трамп, кој ја напушти традиционалната позиција на републиканската партија за намалување на долгорочните трошоци за пензински и здравствени програми за постарите лица – најважната компонента на било кој план за фискална консолидација. Хејли поддржува промени на овие програми со цел истите да се стават на стабилна основа за идните генерации.
Во првата прелиминарна дебата, таа дури го критикуваше фискалното досие на Трамп, истакнувајќи дека „тој додаде 8 билиони на нашиот долг“. Напаѓајќи ги републиканците за проширување на социјалната држава, трошење преку наменски средства и зголемување на големината на националниот долг, Хејли велеше: „Нашите деца никогаш нема да ни простат за ова“.
Како традиционалните конзервативци, Хејли ентузијастички се залага за слободни пазари и ограничена влада. Во 2020 година, таа напиша дека капитализмот „е најдобриот и најправеден економски систем што светот го има видено“ и ги нападна националистите и популистите во републиканската партија кои поддржуваат „разводен капитализам“ – „бавниот пат до социјализам“, како што таа го нарече. „Само во слободна и просперитетна земја“, таа напиша, „толку е лесно да се земе капитализмот здраво за готово“.
Но, по неколку битни прашања, вклучувајќи ги и односите меѓу САД и Кина, Хејли ја дели загриженоста на републиканската партија од времето на Трамп. Таа ја нарече Кина „нашата закана број еден по националната безбедност“ и го критикуваше двопартискиот консензус – односно, дека соработката со Кина секогаш била во најдобриот интерес на Америка – што преовладуваше три децении пред изборот на Трамп.
Пристапот на Хејли кон Кина, меѓутоа, е попромислен и понијансиран од оној на економските националисти на републиканската партија. Во градската сала на Си-Ен-Ен, таа ја призна важноста на слободната трговија, едновремено централен принцип на републиканската економија. „Не ми е грижа ништо повеќе дали Американците купуваат маици и светилки од Кина“, таа рече „од тоа дали Кинезите купуваат земјоделски производи од нашите земјоделци“. Го поздравувам тоа. „Тоа што нејзе ја загрижува е тоа што САД се потпираат на Кина на начини што може да ја загрозат националната безбедност.
Замислете Хејли да ѝ пристапеше на американската работничка класа на сличен разумен начин. Трамп поттикнува без и нуди носталгија за замислено минато. Спротивно на тоа, Хејли би можела да се фокусира на проширување на економските можности и зголемување на учеството во економскиот живот.
Трајниот политички успех е изграден врз основа на успех на политиката/ протекционизмот на Трамп, трговските војни и граничните ѕидови не беа успешни политики – емпириски, економија на поплаки не функционира. И Пенс, потпретседателот на Трамп, е во право: одењето по овој пат ќе доведе до политичка пропаст за републиканската партија. Кандидатурата на Хејли, чиј темперамент и политички позиции се сосема спротивни на Трамп, нудат поветувачки пат напред.
Мајкл Р. Стрејн, Директор за студии за економска политика при Американскиот институт за претпријатија, е автор, неодамна на The American Dream Is Not Dead: (But Populism Could Kill It) (Templeton Press, 2020).
Превод: Наташа Цветковска