пишува: РИБАРО
Откако лидерите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се сложија да соработуваат меѓусебно, за важни прашања за граѓаните и државата, екипата на АХА закажа силни протести пред седиштата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Договорот од тет-а-тет средбата не смее да помине!, апелираат од АХА.
Ако ова им помине на Мицкоски и Заев, остануваме без работа, велат од АХА, за АХА.
Како резултат на конструктивноста на лидерите од власта и опозицијата пред екипата на АХА се испречи можноста да ја изгуби својата релевантност и да остане без работа. Екипата на АХА воедно ги повикува сите оние незадоволници од овој договор, сите оние кои повикуваат на недоследност на лидерите кои не си достоиле на збор, сите оние кои се резигнирани од попуштањето на Заев и Мицкоски и сите други злонамерници без разлика на вера, пол и партиско убедување, да дојдат пред седиштата и да ја блокираат работата на двете партии.
Ова е смрт за доследните критичари, ова го стеснува просторот за сатира, ова е невиден преседан и мора да престане. АХА уште еднаш апелира до двајцата лидери да ги преиспитаат своите разумни одлуки и да не ги доведуваат поштените граѓани, збунети новинари и жустрите критичари од социјалните мрежи во заблуда.
Повикани се и сите амбасади и невладини организации.
Метју Палмер во изјава за АХА, вели дека жали за стореното, се извини и најави дека ќе се обиде да присуствува на протестот.
Протестот е закажан во 11 часот по Гринич. Поворката ќе тргне од белата палата на вмровците и ќе заврши пред седиштето на СДСМ на Бихачка.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK