Во Македонија, секој нов политички циклус речиси неизбежно се отвора со нов скандал за незаконско прислушување. Она што се претставува како „државна тајна“, одамна прерасна во јавна мистерија за тоа кој ги надгледува граѓаните, политичарите, новинарите и бизнисмените – и зошто институциите постојано не успеваат да понесат одговорност. Случајот „Големото уво“ од пред две децении го обележа почетокот на јавната свест за злоупотреба на тајните служби.
Во 2015 година, „бомбите“ на Зоран Заев го потресоа целиот систем, најавувајќи историски пресврт и реформска ера што „никогаш повеќе“ нема да дозволи масовно незаконско следење. Но денес, повторно сме сведоци на истите сенки што се појавуваат со третиот скандал – наводно спроведен од структури во АНБ и Агенцијата за разузнавање во периодот 2019–2024 година.
Клучот денес е во рацете на Јавното обвинителство. Агентите и поранешните директори на АНБ и АР се под сомневање за незаконско и непрофесионално постапување. Премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ инсистираат на брзи одговори, обвинувајќи дека под „оперативен интерес“ бил ставен токму Мицкоски додека бил во опозиција, заедно со новинари и бизнисмени.
Но премиерот Мицкоски и власта не дозволуваат декласификација на прислушуваните материјали, за да се расчисти случајот до крај како што бара и опозициската СДСМ.
Од СДСМ велат дека „обидите на ВМРО-ДПМНЕ со шпионски афери пропаднаа“.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска во повеќе наврати поставува неколку прашања до Мицкоски и бара одговори.
„Очајни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се извади од кашата во која самите се ставија, откако се заиграа со измислени шпионски афери за да дефокусираат од сопствената неспособност,“ изјави Кузеска.
Таа додаде дека случајот со АНБ бил подготвуван со месеци како предизборна стратегија, но, според неа, завршил неуспешно. „Случајот со АНБ кој сакаа да го претстават како афера очигледно со месеци го спремале за пред избори и требаше да биде некакво оружје против СДСМ, но им пукна како бомба во раката,“ нагласи портпаролката.
СДСМ, како што рече, бара од опозицијата да ги објави документите. „Им порачуваме јасно и гласно: декласифицирајте! Не чекајте ништо, не одолговлекувајте, не бегајте. Нека видат граѓаните дали бил вистински следен премиерот, кој бил следен, со кого комуницирал тој,“ порача Кузеска.
Таа постави и повеќе прашања до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. „Дали е точно дека Мицкоски, иако не бил цел на следење, влетал во комуникација со лица кои работат на дестабилизација на Македонија, финансирани со странски пари? И најважното: дали дел од тие финансии завршиле лично кај Христијан Мицкоски или во сефовите на Белата Палата?“ праша Кузеска.
Прашањата се бројни и суштински – кој издавал наредби за посебните истражни мерки (ПИМ) и дали собраните информации биле злоупотребувани за политички уцени.
Според член 39 од Законот за кривичната постапка, јавниот обвинител е тој што одлучува за мерките. Но, практиката покажува дека контролата е повеќе формална отколку суштинска.
Северна Македонија повторно се наоѓа на раб меѓу реформа и регресија. Овојпат, тестот не е само политички, туку и цивилизациски. Дали Јавното обвинителство ќе ја врати довербата со непристрасни постапки, дали Собранието ќе ја разоткрие праксата на институционална злоупотреба или државата повторно ќе избере тишина под превезот на „државна тајна“? Она што сигурно останува е пораката дека секое ново прислушување не е само безбедносен скандал, туку хроника на институционалната немоќ и државната неказнивост, додека демократијата, во ваков контекст, останува повеќе ветување отколку реалност.
Дестан Јонузи










































































































