Пишува: АНА ВАСИЛЕВСКА
За да бидеш среќен во животот, треба да имаш добро здравје и лоша меморија, рекла Ингрид Бергман. Не можам да се пофалам ниту со првото, а особено со второто, иако овој рецепт за среќа на филмската дива ми се чини прилично добар.
Кој знае што се ви мина низ умот во најлудата ноќ и следниот ден кога мамурлакот го лекувавте со честитки, подароци, виенскиот концерт и сармата? И токму затоа што тешко заборавам, ама баш на секои новогодишни празници ми текнува една апсурдна блуз-приказна во која главниот актер е еден мој предок.
Како и многу негови сонародници во раните 30-тите години на минатиот век, кога Американците ја откриле прохибицијата, корупцијата, девојките се забавувале во чарлстон ритамот, мојот прадедо заминал преку Големата бара, на гурбет во Чикаго.
На младата животна сопатничка и трите мали чеда им ветил дека ќе се врати за некој Божик. Минувале годините, а за Божик стигнувале долари, писмо и подароци. Така со години.
Таман тој пишал дека ќе дојде, уличните звона на чикашките улици објавиле банкрот на неколку пирамидални штедилници, меѓу кои и онаа на несреќниот прадедо. Му се случил на човекот ТАТ, и тука знаеме дека нема помош, некој колега на Ал Капоне си го зел данокот на глупоста на наивните штедачи. Немал кутриот тој ниту за бродски билет, а камоли да се појави пред своите без скршена пара. И решил да поработи уште некоја година.
Останал уште пет години, парите во џеб, и нашава чикашка група Македонци цврсто решила да се врати дома за Божик 1939 г. Ај што го одбрале најлошото време за враќање во Европа, туку понесени од радоста, приближувајќи се кон пристаништето во Ливерпул од каде што ги чекал некој друг транспорт, во сета носталгична екстаза, ги кинеле личните документи (пасош) и ги фрлале во немирниот океан. – Што ќе ни се документи кога се враќаме во родната земја, суровиот континент е далеку зад нас, уште малку и ке бидеме мегу своите !!!-, извикувале тие, лишени од елементарна прагматичност.
Јасно ви е дека на Англичаните не им се верувало кога тие пристигнале без никаков документ за идентификација. Сигурно се сетиле на Индијанците, или така нешто, па по неколку дена натегнување ги пуштиле да заминат во само за ова племе познат правец. Таман кога сите надежи на жената и на децата ги завеал пелистерскиот снег, еве ти го тој за Василица, дома. На радоста и немало крај, барем така кажува баба ми. Со заштедата си купил дуќан. Не успеал ниту да го разработи, кога му го узурпирале бугарските фашистички тутори, а тој заминал во планина.
Па добро, војна како војна. Го истуркал и тоа, ама по ослободувањето, вербата во Бога како и приватната сопственост била прогласена за ерес, дуќанот бил национализиран. Е тука, стариот не издржал, му пукнало срцето, баш за зимските празници. Нормално, бидејки наследнициве ги носат неговите гени, ги затуриле или скинале тапиите, па до денационализација на неговиот “живот” не дојде никогаш.
Чудна одисеја, но такво било времето, херојско и лузерско. Ве потсетува на нешто?
Е па, колку да ви кажам дека нашиот народ познава и многу полоша историја, па дочекајте ги преостанативе празници, ако ви е волја заборавете на сите потпишани и непотпишани документи, на рационалното и секојдневното калкулирње, уживајте во правото да бидете вистинските Вие-слободата е само врел пиштол ( Happiness is a warm gun The Beatles).
П.С: Кога заминував на новогодишен пречек, на мојот кат се отвори вратата од лифтот и излезе човек со торба кој ме замоли да почекам бидејќи не е сигурен дали е на бараниот кат. Го почекав, ѕвонеше на една од соседните врати, му отвори средовечна жена со блескава насмевка која очигледно возбудена за да ги сокрие солзите, успеа да проговори само еден збор – Стигна?!. Се прегрнаа, а тој ми се заблагодари што почекав и ми посака убава ноќ. Тој еден и единствен збор „стигна“, содржеше се.
А, ви текнува ли на онаа преубава зимска ѕвездена ноќ, кога се роди И.?Сепак, убави се спомените и по цена на среќата.
Објавено во Форум 4 јануари 2008 година
Извор НоваТВ