Група меѓународни генетичари по четиригодишна анализа успеа да го секвенционира ДНК-профилот на Адолф Хитлер – прв ваков обид досега – користејќи крвав фрагмент ткаенина од неговиот бункер во Берлин. Резултатите, прикажани во новиот документарец на Channel 4, „Hitler’s DNA: Blueprint of a Dictator“, предизвикаа силни научни и етички реакции.
Истражувачите потврдуваат дека примерокот навистина припаѓа на Хитлер, откако Y-хромозомот се поклопил со претходно собран ДНК од негов машки роднина. Проф. Тури Кинг, генетичарка позната по идентификацијата на остатоците на Ричард III, вели дека долго размислувала дали да учествува во проектот.
„Агонизирав околу тоа,“ изјави Кинг. „Не сум заинтересирана за сензационализирање, но знаев дека некогаш некој ќе го направи ова истражување. Барем можев да осигурам научни стандард и строги ограничувања.“
Што откри ДНК анализата?
Научниците порачуваат дека најпрво е отфрлена долгогодишната шпекулација дека Хитлер имал еврејско потекло – неговиот генетски профил не покажува такви траги.
Но тимот утврдил и дека Хитлер имал Kallmann синдром, ретко генетско нарушување кое влијае врз развојот на половите органи и либидото. Ова може да се поврзе со неговиот речиси целосен изостанок на приватен живот, вели историчарот д-р Алекс Кеј.
„Тоа ни дава објаснување за нешто што одамна го набљудуваме – Хитлер беше исклучително фокусиран на политиката, до целосно занемарување на интимниот живот,“ вели Кеј.
Најконтроверзни се резултатите кои покажуваат „многу висока“ генетска предиспозиција (во топ 1%) за аутизам, АДХД, шизофренија и биполарно нарушување. Сепак, експертите предупредуваат дека предиспозицијата не е дијагноза.
Проф. Сајмон Барон-Коен од Универзитетот во Кембриџ истакнува:
„Преминувањето од биологија кон однесување е огромен скок. Постојат многу фактори кои влијаат врз човечкото однесување, а гените се само еден дел.“
Опасност од стигматизација
Наодите беа критички оценети од повеќе научници и организации, вклучително и Националното здружение за аутизам во Британија, кое ги нарече резултатите „евтин трик“.
Проф. Дениз Снајдеркомб-Корт од King’s College London, која го анализирала истиот примерок во 2018, смета дека документарецот отишол предалеку:
„Во однос на карактер и однесување, ваквите генетски претпоставки се бескорисни. Воопшто не можете да извлечете такви заклучоци.“
Етиката зад истражувањето
Контроверзиите не се ограничени на научните наоди. Се отвори дебата дали е етички да се анализира ДНК на личност која не дала дозвола – дури и ако е историски злосторник.
Историчарката Субадра Дас смета дека ова не е ништо поинаку од други археогенетски проекти:
„Научниците анализираат ДНК на личности мртви со векови – проблемот не е во истражувањето, туку во тоа како го толкуваме.“
Но историчарката Ива Вукусиќ предупредува дека ваквите анализи можат да ја изместат фокусната точка:
„ДНК тестот нема да ни каже зошто Хитлер го направи тоа што го направи. Опасно е ако преку генетиката бараме едноставни објаснувања за масовно насилство.“
Научно откритие со голем товар
Иако резултатите се под рецензија и треба внимателно да се интерпретираат, научниците велат дека ова е значаен чекор во разбирањето на историјата преку генетиката.
Проф. Томас Вебер, исто така дел од проектот, вели:
„Бев подеднакво возбуден и загрижен. Овие резултати треба да се користат многу внимателно и трезвено.“
Извор: Би-Би-Си





