Најмалку седум лица загинаа во бурата која експресно мина низ Европа и сега тргна кон исток. Таа го попречи нормалниот сообраќај и илјадници лица истави без електрична енергија, јави Би-Би-Си.
Таа, сепак, заради огромната брзина на ветровите донесе и неочекуван профит за Германија. Имено, турбините на ветерниците вртеле со толку голема брзина што од нив била произведена струја со еквивалент на таа што ја произведуваат 44 нуклеарни електрани, јави Би-Би-Си.
Силниот ветар во Полска симна покрив од една продавница при што загинаа една жена и нејзините две ќерки, а таткото бил повреден.
Еден маж загинал кога му се превртел чамецот во Шведска, а друго лице исчезнало. Две лица загинале во своите автомобили, едното во Германија, а второто во Словенија.
На островот Корзика биле регистрирани ветришта со брзина од 220 километри на час, пропратени со силни дождови и поплави. Тамошните власти изјавија дека силните ветрови го прошириле пожарот на островот, а пристаништата во Корзика денеска се затворени.
Ветар со бризина од над 200 километри на час бил измерен и на северот од Италија, каде една 71-годишна жена од Ломбардија загинала кога била погодена од остатоци од покрив.