На Мечкин Камен оваа година за 2. Август Илинден – Денот на Републиката забележана е масовна посетеност од граѓаните.
Со интонирањето на државната химна од страна оперската певица Весна Ѓиновска Илкова, во придружба на Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија, по што следеше обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски, денеска на Мечкин Камен во Крушево, во присуство на многубројни гости и со сите почести се славеше големиот државен празник 2 Август, Денот на Републиката – Илинден.
Премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето од Мечкин Камен порача дека Илинден е нашата сила и за современа, модерна, економски развиена и европска Република Северна Македонија. Даваме збор, додаде тој, дека илинденската и асномската идеја за светла и перспективна македонска иднина, ја имаат пред себе и генерациите на денешнината и од неа нема назад, има само напред. Сега е време, порача Ковачевски, за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред се за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава.
Во духот на сплотеноста и вековниот стремеж за демократска и просперитетна заедничка татковина, на Мечкин Камен прозвучеа фолклорно друштво „Студио Фолклор-Скопје“, „Влашки хор-Крушево“, Национална установа – Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија, а настапуваа и Национална установа – Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ како и Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија.
На илинденските празнувања на Мечкин Камен кои симболично отпочнаа со пристигнувањето на коњаницата, присуствуваше и висока владина делегација предводена од премиерот Ковачевски во состав: заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која положи цвеќе на споменикот на Мечкин Камен.
Чествувањето на Денот на Републиката и на двата илиндена вчера измина со пораки за обединување и заедништво, посветеност на државните приориети односно патот кон зачленување во Европската Унија.
М. Ацковска