Пишува: АНА ВАСИЛЕВСКА
Се отвори проѕирната пандорина кутија и почна да прска вистината на сите страни. Сите кои со години ѕиркавме низ стаклото, голтавме кнедли, а бевме очевидци на тони гнасотилак завиткан во медиумски ракавици, сега можеме да длабоко да воздивнеме и да си кажеме некои нешта. Случајот со „новинарот“ Марјан Стаменковски и неговиот „портал“ наречен „Доказ“, поттикна широка дебата на социјалните мрежи и во новинарската фела. Со апсолутно право се даде поддршка на барањето на институциите за законска одговорност на Стаменковски. Сепак, има и такви кои не мислат така. Ни помалку ни повеќе, овој случај сакаат да го поистоветат со гонењето на Асанж или, еве, во локални рамки Кежаровски.
Кој е мотивот виновникот да го претставиш претставиш како жртва?
Според официјалните информации кои ги добивме во јавноста, за извесниот новинар Стаменковски е побаран притвор, бидејќи на товар на осомничениот му се ставаат повеќе кривични дела сторени од позиција сопственик на интернет портал, преку кој, искористувајќи познанства и релации со различен профил на лица, преземал противправни дејствија во континуитет.
Обвинителството појасни дека „осомничениот се служел со сопствениот интернет портал, знаејќи дека е достапен на неограничен круг лица, како средство за ефективен притисок врз жртвите, притоа предизвикувајќи лавина општествени последици со несогледива штета во форма на религиска омраза и ксенофобични идеи“ , информираа од од Обвинителството и побараа притвор, бидејќи „дополнителна околност во таа насока е потребата да се заштитат жртвите, кои биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку компјутерски систем и преку интернет порталот на осомничениот“,
Појасно, здравје. Јасно ни беше и пред постапувањето на институциите, и со години само сме неми сведоци на валканиците на вакви примери во новинарската професија. А меѓу себе добро се познаваме. Исто како што се познава секоја фела, и докторите, и филмаџиите, обвинителите и сите останати. Но, еснафските здруженија, Советот за етика на медиумите, постапувајќи според правилниците и законите (кои, бај д веј, одамна се застарени) во нивна моќ или немоќ реагираа спорадично.
Колку време се загуби, патем, од молкот на новинарите кон овие срамни случаи на злоупотреба на новинарската професија е друга тема, но во случајов, кога имаме еклатантен пример во кој секој што има трошка здрав разум би застанал во одбрана на професијата, зачудувачки, се појавија и такви кои се обидуваат да го релативизираат, па и да го поддржат уловениот рекетер-новинар.
Да застанеш во одбрана на злото, треба да се идентификуваш со истото, но можеби и повеќе од тоа. Жестоко го браниме тоа кое сме го создале, макар било тоа и чедо на Франкештајн. Криминалците бранат криминалци, дилерите – дилери, а рекетарите – рекетари. И тоа мора да е така, заради криминалниот „кодекс“ за меѓусебна заштита.
Паднаа маските на „гранде уредниците“
Со каква леснотија се разобличија маските на оние гранде новинари, уредници дрматори, заслепени од својата величина (не физичка), што одат дотаму да се расправаат со колешки кои самите биле жртви на изопачена медиумска содржина во дотичниот „Доказ“. За нив, вулгарните содржини за колешки, пласирани на „Доказ“, срамните писанија без новинарски стандарди на истиот портал, не се ништо страшно, ама страшно било тоа што тие донесувале заклучоци во фазата на истрагата за приведениот?!
Епа, како што милува еден од овие уредници бранители често да каже „шио ми га Ѓура“.
Наместо да бидат горди што низ нивните редакции сепак успеале да се оформат здрави новинарски пера, тие удираат по нив, а го поддржуваат болното ткиво кое порасна во меѓувреме. Зошто?
Ајде да одговориме во истиот стил „порастоше пиличи, по…ше кокош“, или еве во превод, тоа што со години се создаваа инстант новинари, гледавме како се шурува со најразлични бизнис структури по цена на уништување на медиуми (и судбини на новинари), сега ви се удира од глава. Данокот го плаќаме сите ние кои заради овие изолирани примери на срам на професијата, изложени сме на деградирање и имаме доверба во јавноста од 8 отсто.
Нештата беа помалку видливи пред интеренет новинарството, но и тогаш, најмногу во редакциите на „гранде уредниците“ се негуваше расадникот на оние падобранци, полуписмени извршители кај кои слободно поминуваа „нарачките“. И (се офајдија добро од тоа), излегоа портали со „нови уредници“ кои за времето на режимот, а и сега се препелкаат, ги искршија сите новинарски кодекси и стандарди да одработат црни агенди.
Говор на омраза, немилосрни лаги, конструкции на медиумски приказни без факти и докази создадоа „Доказ“ и слични на него.
Ги бранеле или не своите чеда, радува фактот дека на Пинокио му се гледа носот од авион, а на страна на вистината се побројните.
И на ова ќе гледаме како на процес во лавиринтите на демократијата каде што каскаме со добри Закони. Сега е време за корекција на правилниците, за чистка во новинарската професија, па ако е потребно да се издаваат и лиценци. Не овој антидемократски став што ја силува слободната мисла, спротивно од тоа, тие кои ја злоупотребија слободата на медиумите и демократијата, само ќе треба да се приберат со јасни и цврсти закони. Да се вратиме на корените ако треба, нема текст без најмалку две страни, а за вулгарности и уцени да има најстроги казни.
Борејќи се за максимата на Никола Младенов: „Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие збирштина од безрбетници“, создадовме безрбетници што се борат за слободни луѓе.
Случајот со „Доказ“ секако ќе го следиме професионално, доказите ќе бидат изнесени на виделина, а новинарството ќе се исправи од свитканите колена и со цврст рбет ќе продолжи достоинствено да и служи на јавноста. Во име на Младенов и величините како него.
Останатите ќе ги проголтаат (к)аналите на историјата.
Текстот е личен став на Авторката. Преземено од НоваТВ