Во време кога еколошките проблеми во урбаните заедници стануваат сè поголеми, заедниците во регионот на Западен Балкан сè поактивно се борат за зачувување на шумите и на другите зелени површини. Меѓународниот ден на шумите, 21 март е можност да се потенцираат нивните напори, препознаени од Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 2 (ReLOaD2), која ја финансира Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во 63 партнерски единици на локална самоуправа низ целиот Западен Балкан.
Почетокот на пролетта и будењето на природата за „зелените активисти“ значи почеток на уредувањето и чистењето на парковите и шумите. Таква е пролетта и кај Вера Мијатовиќ, во малото место во подножјето на планината Романија во Босна и Херцеговина. Таа и нејзините сограѓани, веќе со години настојуваат во светот да испратат слика од шумските убавини со кои се опкружени. Свесни за богатствата кои ги имат, Мијатовиќ раскажува дека мештаните и мештанките страствено ја чуваат својата гора со богата историја и преубави пејзажи.
„Прва дестинација која би требало да ја посетите на планината Романија е планинарскиот дом „Црвене стјене“. Кога ќе продолжите понатаму, ќе ве дочека недопрена природа и предели кои ќе посакате повторно да ги посетите“, вели Мијатовиќ, која е инаку секретарка на Планинарското друштво „Гласинац“.
Благодарение на повеќегодишните напори на ова друштво, на почетокот на 2023 година, локалитетот „Црвене стјене“ е прогласен за Споменик на природата. Значењето на активностите кои ги спроведува Планинарското друштво „Гласинац“ е потврдено и преку партнерството со Европската Унија (ЕУ), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Градот Источно Сараево во рамки на програмата ReLOaD2 преку која е поддржана имплементацијата на проектот „Романија – повеќе од планина“. Како резултат на овој проект, Романија е побогата за голем број уредени површини. Трасирани и обележани се 35 километри од т.н. „Ајдучки стази“ на кои се поставени и клупи и масички за излети. Уредени се бројни подрачја кои претходно беа непристапни, и се унапредија содржините за деца и возрасни за да се поттикнат да поминуваат повеќе време во природа.
„Вложен е огромен напор и ентузијазам за природните убавини на некогаш запоставената Романија конечно да го добијат местото кое го заслужуваат на туристичката мапа, не само на БиХ и регионот туку и пошироко“, истакнува Мијатовиќ.
Како што љубителите на шумата во Босна и Херцеговина се борат за зачувување на Романија, така и граѓаните на Црна Гора се борат за нивната зелена оаза, Парк шумата Горица, која се наоѓа во Подгорица. Ова заштитено Црногорско подрачје е создадено со интензивно 50-годишно пошумување. Меѓутоа, најголема опасност која денес му се заканува на овој парк се пожарите. Во изминатата година жителите на Подгорица преку постојана кампања настојуваа да укажат на важноста да се заштити Горица и да се превенира настанувањето пожари. Кампањата се спроведе во рамки на проектот „За заштитена Горица“, кој го поддржа ReLOaD2, а го имплементира Мрежата „Паркови Динарида“. Во рамки на проектот е набавена и противпожарна опрема за потребите на Агенцијата за управување со заштитени подрачја во Подгорица, а волонтери се обучија за техниките за гаснење пожари. Во паркот се поставени табли со предупредување за превенција од пожари, а исто така подготвен е и Протокол за постапување во случај на пожари во Горица.
„Главна цел на кампањата беше промоција на биодиверзитетските вредности на Горица како заштитено подрачје, но и апелирање до граѓаните проактивно да се вклучат во нејзина заштита“, велат од Мрежата „Паркови Динарида“.
Стотици километри од Подгорица, кон македонскиот град Гостивар, љубители на шуми и планини го иницираа проектот „Гостивар повикува: Ајде на планина“ на организацијата Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ). Овој проект, поддржан во рамки на програмата ReLOaD2, помогна да се обележат 40 километри планински патеки, како и 160 километри велосипедски патеки во шумските области во близина на Гостивар. Со уредување на овие стази, на посетителите им е обезбеден простор за рекреација, тренинг, прошетка и уживање на свеж воздух. Освен тоа, во рамки на проектот се организираа планинарски обуки на кои учествуваа над 90 деца на возраст од 4 до 19 години, со цел создавање здрави навики од најрана возраст. Од македонската асоцијација АДИ велат се среќни што забележуваат дека нивниот проект ги унапредува здравите животни навики на граѓаните и граѓанките на Гостивар и околината. Сепак, додаваат дека многу членови на нивната локална заедница сè уште не се свесни за многукратното значење на шумите. Доказ за тоа, како што велат, се шумските пожари предизвикани од човечко невнимание, бесправната сеча и нискиот степен на пошумување.
„Ако ја гледаме позитивната страна, во последните две години е направено многу за подигнување на свеста за зачувување на природните ресурси и шумите. Секоја личност на планетата треба да биде свесна дека уништувањето на шумите е меѓу најголемите еколошки катастрофи со кои се соочуваме како човештво“, порачуваат од асоцијацијата АДИ.
Да потсетиме дека зачувувањето на шумите и другите екосистеми е една од 17-те глобални цели на Обединетите нации кои ја сочинуваат Програмата за одржлив развој до 2030 година, бидејќи шумите прават многу за нашето здравје. Освен што ги прочистуваат водата и воздухот, тие го подобруваат квалитетот на живот и ги намалуваат летните горештини, давајќи нѝ сенка. Овогодишниот Меѓународен ден на шумите се одбележува под слоганот „Здрави шуми за здрави луѓе“.
Покрај уредувањето на шумските локации, програмата ReLOaD2 го поддржува и подобрувањето на зелените површини во урбаните средини. Една од нив е општина Ново Сараево во главниот град на Босна и Херцеговина, каде што се уредени зелени паркови благодарение на проектот „Урбани шуми – знаење и учество на сите“ кој го спроведе Здружението за развој и афирмација на општеството „НОДАС“. За време на проектот, повеќе од 300 млади и возрасни жители и жителки на Ново Сараево учеа за важноста на урбаната екологија и развојот на решенија за зачувување на зелените површини. На 20 работилници беа обучени за правилен избор на садници, процесот на садење и уредување на парковите, како и начините за решавање на проблемот со аерозагадувањето. На крајот, научените вештини ги искористија за уредување на парковите нивнката локална заедница преку повеќе волонтерски акции за садење.
„Ова место ќе го викаме Шумарак, мала шума во нашата населба“ е слоганот на учесниците во проектот кои самостојно ги збогатија своите паркови кои денес секојдневно ги посетуваат. Раководителот на проектот „Урбани шуми – знаење и учество на сите“ и менаџер на здружението НОДАС, Шемсудин Маљевиќ вели дека овој проект ги потсети граѓаните и граѓанките на чувството на одговорност, грижа и чување на јавните зелени површини.
„Урбаните шуми се пристап кој станува многу популарен во светот, особено во загадените градови. Нашите градови немаат многу избор и едноставно мора да почнат да се трансформираат во зелени оази. Сакавме Сараево да биде прв во ова, а тоа го постигнавме иницирајќи уредување на зелените површини. Се надеваме дека овој процес ќе продолжи и градовите во БиХ ќе почнат да се натпреваруваат со добри иницијативи“, истакна Маљевиќ.
Проектот „Урбани шуми – знаење и учество на сите“ го поддржа и Општина Ново Сараево, која ја препозна идејата и потенцијалот на инвестирањето во заштита и обнова на урбаното зеленило.
„Создавањето урбани шуми е една од ретките мерки кои може и треба да се започнат веднаш, како реално мала инвестиција со огромни придобивки – намалување на температурата, проток и чистење на воздухот, поубава и поздрава животна средина, помалку бучава и цела низа други придобивки. На крајот на краиштата, дали сакаме од прозорецот да видиме шума и да слушаме птици или да добиеме паркинг?“, заклучува Маљевиќ.
Меѓународниот ден на шумите се одбележува веќе 11 години и преку тоа се прават напори да се заштитат шумите како најразновиден еко-систем и дом на преку 80 отсто од копнените видови животни, растенија и инсекти. Здравите шуми ги прават здрави и луѓето, а секое локално делување придонесува за промена на глобално ниво и реализација на Целта за одржлив развој 15, која промовира заштита, обнова и промоција на одржливото користење на копнените еко-системите, одржливо управување со шумите, борба против опустоштувањето на плодните почви, како и запирање на деградацијата на земјиштето и губењето на биодиверзитетот.