Пишува: ЕЛИЗАБЕТА СЕКИРАРСКА
Читам, ќе се враќаат оние кои заминале. Ќе се обидам кусо само:
Прво, не може било кој од креаторите на македонското јаве да не обезбедува услови заради кои младите не би заминале во потрага по својот сон. Не може било кој од нив систематски да работи на етаблирање на механизмите заради кои квалитетот бега и упорно да негува деформации заради кои токму во домата, каде што умот е хендикеп, се чувствуваат како дојденци.
Второ, не може било кој да се амнестира од одговорност што се создаде атмосфера во која луѓето се препукуваат по основ на тоа “Се вратив, супер ми е” и “Каде си се вратил, во што?” затоа што човек заминува кога тука каде што е, не постои живот каков заслужува.
Освен чувствувањето носталгија како нормална, човечка, искрено болна емоција заради напуштањето на куќниот праг, не би рекла дека некој би се вратил затоа што таму каде што е, “луѓето се ладни, нема дружба, не е безбедно, сиромаштија е и не се живее подобро”.
Конечно, домата ни наша впрочем, одамна не е топла, дружељубива, спокојна, мирна, сигурна и безбедна почва, во која вреди да се потроши животот. Сиромаштијата пак……Не знам како би се нарекла, едноставно, а да се разбере колку тежи. Затоа, ќе речам дека само се успеа да се провре уште една тема за купи-продај ден, колку да подзаборавиме на реалноста во која се давиме. Дека убаво ни е тука, затоа. Конечно, многу ми се интересни и споредбите меѓу тука и таму. Постојат вредности кои едноставно не се споредливи, од проста причина што тука ги нема.
Уреденоста на системите надвор и нивното богатство не треба да се мерат само од материјален аспект – и во нив има луѓе кои живеат поскромно, посиромашки. Тешки се времињата за сите, секаде. Но сепак, постојат аспекти на живеење кои подразбираат опција, можност, избор над припадноста некому како единствен критериум – нешто што овде е длабоко вкоренет формат на битисување кој просто уништува, а таму подразбираат очекување да знаеш, да умееш, да си вреден и да се докажуваш. Конечно, можноста да се живее во културен, среден и пристоен амбиент кој влече напред, со почит кон тебе како човек и професионалец, сепак се вредности кои тука не виреат и никој не може да ме разубеди дека воопшто има простор заради кој не би кажала: Туга. Имам деца надвор. Знам колку им е тешко да се пробиваат сами. Но да, успеваат затоа што она што го имаат и она што се тие самите, не е она што и треба на оваа земја. Затоа и не се враќаат.












































































































