Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Пред дваесетина години, летно време, еден ден заврна многу дожд и улицата Јуриј Гагарин на еден дел оддесно стана езеро. Секако, се направи нестрплива гужва во сообраќајот на тоа место, во која возачите зад мене немаа разбирање за моето успорување. Заобиколувајќи ме, ме спречуваа да дојдам на непоплавениот дел одлево, а оние отспротива не оставаа лесно да се помине на левата страна. Џабе лев трепкач, џабе претпазливост, водата навлезе и автомобилот ми згасна. За среќа, уште од детска возраст, од игра (за правење важна, се разбира), имав научено да го користам ефектот на резонанс за туркање кола, но ова ми беше прв пат да туркам во вода. Наоружана со оптимизам од верба во физиката и патиките, накисната од силниот дожд и вода скоро до колена, со рака на рамката на затворената врата ја истуркав скоро до спојот со Братфордска, кадешто не беше поплавено. Никој не застана да понуди помош ни потоа.
Сеќавајќи се на оваа несолидарност денес во утринските метежи, сфатив дека, всушност, токму во сообраќајот никој не може да биде баш злобна битанга, туку најмногу – само прекомотен саможивец (евентуално и лош проценувач на ситуации), затоа што во сообраќајот правилата се екстра јасни и постојат казни, па и исклучување од сообраќај заради нивно непочитување. Едноставно, автентичните лошотии би биле (и се, веројатно) исклучени од сообраќај. Барем привремено, а некои не се ни вклучени, бидејќи за возач се полага со најразлични тестови. Заради тоа, можно е дека вистински злобните секогаш се мало малцинство во сообраќајот.
Така, сега неколку случајности се споија за да помислам на афоризмот „Не припишувај на злоба она што се должи на глупавост“ (познат како Ханлонова острица, всушност, повеќе е виц – како Марфиевите закони) и да си го категоризирам како специјален афоризам – евристика (heuristics) за поуредени колективи како што е сообраќајниот. Поопшта варијанта за секојдневието (со вести, шалтери, комуникации…) би била таканаречениот „Грејов закон“: „Секоја совршена глупавост не се разликува од автентична злоба“. Ни оваа варијанта не е тестирана за степен на веројатност, како ни претходната, ниту пак има логично изведување до нив за вистинитост. Но, она што не ни е надвор од искуството, е дека разликуваме степени на некомпетентност. Повисоките степени на некомпетентност ги гледаме како глупавост, а пониските степени – како неедуцирана некомпетентност, превид, невнимание кои, имено, лесно ги разликуваме од злоба.
Високите степени на глупавост подразбираат примена на грешки во расудување врз поголем број луѓе (просторност), како и континуирана (во време) некомпетентна „креативност“. Со ширењето преку средствата за информирање некомпетентните изјави и нарации не остануваат просторно толку локално ограничени како дејствата во сообраќајот (т.е. само на патот), така што, заедно со секојдневноста (застапена во часови, всушност!), односно континуираноста во времето, ваквите извори би се сместиле во највисокиот, скоро совршен степен на глупавост – злобата. При овие параметри, „Грејовиот закон“ всушност треба да го сфатиме како аларм за внимание – да отвориме очи дали се губи линијата меѓу невнимателноста и намерноста, односно токму меѓу некомпетентноста и малициозноста (*Конкурира формулата: Лимесот од работите што треба да ги правите компетентно, при некомпетентност која се стреми кон бескрај е еднаков на деструкција од злоба). Еден ваков јасен пример беше бојкотирањето на пописот. Убедени од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, десетина илјади македонски домаќинства се изјасниле дека нема да отворат врата. Спомнав ли врвна глупавост? Бројот на Македонци излезе помал. Имаше ли траги на вистина после пописот за нивните „информации“? Не. Но, тие лаги, ширени секој час, во секој ќош го остварија злото: ВМРО-ДПМНЕ и Левица беа врвно глупави со бојкотот на пописот буквално на сметка на народот! Ретко што може да се каже во име на народот, а да не биде фалшливата логика на „народот-сака-да“ (како во средниот век, „Господ-сака-да“), но ова е реткоста што се квалификува!
Додека невнимателноста и умерената некомптентност се средуваат со едукација, глупавоста не се лечи, бидејќи глупавоста е неволна да се менува, да ги преиспитува своите видувања, а чувај боже да ги ревидира. Глупавоста е без добра волја, без желба за длабоко разбирање, без чесен скептицизам и без запирање во чекори се впушта во грешки при расудувањата. Бидејќи академските, за мене – безразложни апологети на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, сакаат евристично, т.е. божем искуствено да тврдат „вистини“, би требало да вклучат барем некој вид на ако-тогаш, како, на пример, принципот на брзо-ем-штедливо (fast-and-frugal) разгледување чекор по чекор, штом не работат по ред. Не може „јас велам и затоа е точно“. Неприфатливо е академик да вели „на прв поглед парадоксално е“ и после само да си изнесува тврдење. Без објаснување зошто тврди така, тоа тврдење е некомпетентно, а бидејќи се раширило во јавноста, како такво, недооформено, конкурирало за висок степен на глупост. Не следев колку пати беше повторувано за да се квалификува за зло, но има потенцијал. Нивните грешки во расудување воопшто не се моментални, па да може, евентуално, да се сметаат за ненамерни. Професорка, бранејќи го бојкотот на пописот, за резултирањето со помал процент на Македонци напиша (не дека случајно ѝ излетало) „Па што?“ Како може ова да конкурира за доволно интелигентно за да се изнесе во етер?! Но, бидејќи просторно се пренесе такво, небаре е за иле на ластик, автоматски стана глупост. Значи, не се ова моментални грешки, туку тоа се грешки во расудување со намера подолго време да висат во етерот, со намера да станат доминантни. Доминирање на глупост. Ни треба ли афоризам како „Грејовиот закон“ за да нѐ потсети дека тоа носи зло? Црпејќи од формалниот авторитет, наместо да го надоградуваат, го трошат на дисторзии и непотполност во разбирањето на околностите за себе и за други. Жива несреќа.
Значи, заради големиот опсег и непрекинатоста, може да стане неважно дали некој од невнимание се служи со предрасуди, недоследности и други грешки во расудување, или намерно – со нивно пропагирање. Резултатот е деструкција на просторот во кој глупавоста оперира (луѓето – приматели на „информациите“) и деструкција на времето во кое оперира (губење на времето за напредок). Односно, самото објавување во јавност нешто неинтелигентно, без најосновен филтер за да се исправи оригиналната информација која поминала низ грешка во расудувањето (како што, особено крупните медиуми, тврдат дека токму тоа е „објективност“), заради подложеноста на поголем опсег (јавноста), објавата неминовно, природно си подлежи на рецензија – секогаш има барем еден човек кој може да посочи во што е грешката. Но, честата репетитивност го убива и тој имунитет на разумот. На останатите кои размислуваат по ред и со разбирање, им се лепат етикети. Изворот на неинтелигентно, погрешно расудување (како што е, на пример, содржината на профилот на секој од познатите двајца опозициони шефови) добило масовност и присутност без рецензија, сосе сите грешки и гревови, а со тоа и уште повеќе се утврдува на слепа тврдоглавост, одбивање да се саморазгледа, односно станало извор на глупавост. Непрекинатоста на ширењето грешки потоа ги устремува низите од грешки кон добивање на ултимативната смисла – да бидат извор на зло. На тој начин ВМРО-ДПМНЕ ги устреми сите дејствија пред, а и нешто по 27 април 2017-та. Злото стана евидентно. Не знаеме колкава контрола имаше над него ВМРО-ДПМНЕ или сепак им избега од раце како лош дух.
Да не се тие гревови на расудувањето, тогаш во секоја ситуација во која треба да се носи масовна одлука, би можело симетрично да се констатира за секоја од страните која тврди дека решава – дека е злобна. Така е и за продолжувањето на преговорите со ЕУ сега: Еден симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ би рекол дека Владата е таа што е глупава или злобна кон македонскиот народ со дополнувањето на „дел од бугарскиот народ“ во Уставот, кај што стојат и други делови од народи. Тоа и го вели, но без да има поим дека преговорите по Поглавјата на ЕУ се стандарди за државните институции и пазарот, слеп дека други му дефинираат (како некоја догма) што е тоа достоинство, дека нема поим од најосновни елементи за спроведување на елементарна евристика за да предвиди дали сето тоа е добро или лошо за Македонија. Но, во никој случај не е симетрично, само што медиумите притискаат повеќе на една страна, за да се одговори со иста мера, затоа што би профитирале од симетризација. Страната со вистински аргументи, како сега за ЕУ разните претставници на Владата, сака само да ги изнесе аргументите, што медиумите го третираат како „недоволно возбудливо“. Имено, со симетризација би се формирал бесконечен циклус, јазол (loop) – многу препирки – многу реклами, циркус, забава.
Ова нудење на гледачите да си ја бркаат опашката е, поточно, формирано од привикување на комбинација од етикетирање и бајасот на припишување атрибути (Attribution bias). Што треба да се случува во тој процес, што е очекувањето? Игнорирање на грешките во расудувањето: Кој прв ќе смисли етикета за другиот, добива момент на доминација и контрола над него (Tomas Szasz). Така се очекува од двете страни. Потоа, бајасот на припишување на лична, задолжително негативна карактеристика, како објаснување за причините на што и да е што не е оптимално, се презентира како „доказ“ за глупавост или злобност. Воала, за ВМРО-ДПМНЕ „решение“ од тип – во таа ЛИЧНОСТ е проблемот, за медиумот – циркусче, за решавањето и решавачот на проблемот – потсмев ако не стане еднакво „гаден“. Да не заборавиме, притоа медиумите не се само пренесувачи на овој процес, туку баш и учествуваат со ширењето на искривеноста. Токму бајасот на припишување, во улога на апарат за „докажување“ на злобност на другиот е задолжен за отстранување на смисловно клучните елементи во расудувањето. Тие елементи, ама ич не се својствата на личностите – бајасот ги отстранува вистинските аргументи и смислата на работите, а ги припишува сите проблеми само на својствата на личностите вклучени во решавањето, понекогаш дури и на својствата на цели колективи. Тоа не е сосем обичен ad hominem, очигледно. А медиумот се надева дека и другата страна ќе одговори со слична „страст“. Така медиумот ќе си го оствари своето „перпетуум мобиле“. Интензивно „пренесува“, ја фаворизира страната со празни емоции и никакви аргументи, а предаторски чека налутен одговор од страната која детално образложува и објаснува со аргументи, кои и навистина се квалификуваат за аргументи, во цел свет и век.
Еве да видиме, дали има симетрија во нарекувањето „изроди“ и „вазали“, на пример (да не ги набројувам сите со слична смисла на овие)? Нема. Чул некој во етерот „Изроди сте оти кочите за ЕУ“? Не. Чул ли некој „Вазали сте на Кина?“ Нема тоа. И тоа нема врска со тоа што не се на власт, туку затоа што претставниците на Владата немаат потреба од емотивни изблици, кога детално и вистинито ја разбираат и објаснуваат Рамката. Ги имаат аргументите кои и се бројат за аргументи: Секој може да ја отвори Рамката, заедно со Договорите во неа, за да се увери дека тоа што го објаснуваат е вистина. А за предвидувања што ќе биде со Македонија потоа – да видам fast-and-frugal разгранување, токму како што прави министерот за надворешни работи или вицепремиерот за евроинтеграции. Да видам ако-тогаш, пат до заклучок да видам. Не говор на омраза, емотивно негативно набиени зборчиња без содржина и самопоразителни фрази.
Но, тоа е толку здодевно за медиумите. Поинтересно е да се пренесе што значи „достоинство“, на пример. Тоа, според кој кажува, би морало да е во некоја гранка на физиката, не? Или, можеби е во гранка на политичките науки? Ете, можело прво да се каже „не ни ја потценувајте интелигенцијата“, второ, да се крене прстот (не специфицира кој прст, сметам – показалецот) и на крај, пак да се каже „не ни ја потценувајте интелигенцијата“. Да се чуди човек како не му текнало на премиерот, а особено вицепремиерот за евроинтеграции, да го проба овој магичен алгоритам за достоинствен влез во ЕУ…