Во 2025 година, слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Западен Балкан останаа под сериозен и континуиран притисок. По повод Меѓународниот ден на човековите права, Мрежата SafeJournalists потсетува дека слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана се фундаментални човекови права, без кои не може да постои демократско општество. Иако медиумските пазари во повеќето земји формално се плуралистички, реалниот простор за независно новинарство се намалува поради тесните врски меѓу политиката, бизнисот и медиумите, економската несигурност на редакциите и сè поизразените обиди за влијание врз уредувачката автономија. Ваквата средина ја ослабува улогата на медиумите како демократски контролор и го зголемува ризикот од автоцензура.
Истовремено, во целиот регион е забележан загрижувачки континуитет на напади, закани и притисоци врз новинари — од физички инциденти на терен, до сериозно онлајн вознемирување, особено насочено кон новинарки додека институционалните реакции често се бавни, недоволни или без јасен судски епилог. Дополнителна загриженост предизвикуваат правната несигурност, недоволната заштита од СЛАПП тужби и застарените или проблематични регулаторни рамки, како и кризите во управувањето и финансирањето на јавните сервиси во одредени земји. Мрежата SafeJournalists предупредува дека без доследна политичка волја, ефективна институционална заштита и структурна поддршка за одржливи и независни медиуми, овие трендови ќе продолжат да ги поткопуваат темелите на слободата на изразување и демократските стандарди во регионот.
СРБИЈА
Независното здружение на новинари на Србија, во рамките на мрежата SafeJournalists, забележа 275 случаи во 2025 година, меѓу кои 109 физички напади и 100 закани со смрт. Меѓународните платформи, како Mapping Media Freedom, евидентираа 167 случаи во истиот период, со што Србија е рангирана прва во Европа според ризикот за новинарите, пред Украина. Вербалните напади од високи државни функционери и членови на владејачкото мнозинство станаа систематски, создавајќи атмосфера на линч во која независните медиуми и критичките новинари се таргетирани како „предавници“, „странски платеници“ или дури „терористи“. Во ноември 2025 година, Фондацијата Славко Ќурувија забележа најмалку 154 случаи на вербални напади од 36 високи државни функционери и пратеници. Само во октомври 2025 година се регистрирани најмалку 163 такви напади од 22 лица.
Особено загрижува фактот што полицијата сè повеќе станува извор на ризик: според официјални податоци на обвинителството, во 2024 година имало 64 случаи на загрозување на безбедноста на новинари, од кои во 34 полицијата не постапила по наредба на обвинителството. Меѓу март и декември 2025 година се регистрирани 75 инциденти во кои полицајци директно употребиле сила врз јасно идентификувани новинари, пасивно набљудувале напади или одбиле да обезбедат заштита. Полицијата, исто така, одбива да преземе одговорност, што ги прави ваквите случаи тешко процесуирани. До крајот на октомври 2025 година, кај јавните обвинителства биле заведени 98 случаи, од кои само еден завршил со осудителна пресуда — што придонесува за неказнивост.
Покрај тоа, новинарската работа е обележана и со прекарни услови и правни притисоци: најмалку 20 откази или дисциплински мерки се изречени во 2025 година за новинари кои одбиле политичка злоупотреба на редакциите, особено во медиуми во сопственост на државната компанија Телеком и јавните сервиси. СЛАПП тужби од јавни функционери и моќни поединци, како и појавата на шпионски софтвер на телефони на новинари инсталиран од државни структури, создаваат нови нивоа на заплашување. Европската Комисија нотира дополнително назадување на Србија во областа на медиумските слободи, со трајни политички и економски притисоци врз независните медиуми и недостиг на заштита на новинарите.
АЛБАНИЈА
Во 2025 година, медиумската сцена во Албанија остана формално плуралистичка, но ограничена од тесната поврзаност меѓу медиумите, политиката и бизнисот, поради што дел од најголемите медиуми служат повеќе како продолжена рака на моќни интереси отколку како независен демократски контролор. Еден од најзагрижувачките настани беше произволната и нетранспарентна блокада на Focus Media Group/News24 од страна на државните органи, без јасна правна процедура. Од друга страна, одлуката на Уставниот суд во случајот на новинарот Елтон Ќуно, со која се потврди неповредливоста на новинарските извори, претставува важна гаранција.
Платформата за структуриран дијалог меѓу ЕУ и Советот на Европа создаде важен простор за дискусија за реформи во пристапот до информации, работнички права и безбедност на новинарите, иако реалниот напредок зависи од политичката волја. Предлог-Кривичниот законик, кој го задржува кривичното дело клевета и воведува нејасни прекршувања поврзани со говор, предизвика сериозна загриженост во однос на усогласеноста со член 10 од ЕКЧП и обврските за пристапување кон ЕУ.
Според SafeJournalists, во 2025 година се документирани 40 инциденти физички напади, сериозни закани и онлајн вознемирување што укажува на продолжени ризици и покрај воспоставените контакт точки со полицијата и обвинителството. Јавниот сервис РТСХ се соочи со сериозна криза во управувањето и финансиите. Дополнително, албанскиот медиумски простор е под притисок од непрозрачни актери, координирани кампањи за дискредитација и годишната забрана на TikTok, која отвори прашања за дигиталните права.
КОСОВО
Во Косово, медиумската слобода значително се влоши во 2025 година — изборна година во која политичкиот притисок врз независното новинарство драматично се интензивираше. Косово падна на 99-тото место на Светскиот индекс на слободата на медиумите — најниската позиција досега. Регистрирани се 65 случаи на напади и притисоци врз новинари, од кои само мал дел се пријавени во институции, а мнозинството се документирани само од ЗНК. Само две случаи завршија со пресуди, додека повеќето останаа без исход — што укажува на слаб институционален одговор.
ЕУ набљудувачката мисија забележа дека медиумите беа под системски политички притисок за време на изборите, со агресивна реторика и обвинувања за пристрасност. Обидот за политизирана реформа на медиумската регулација Законот за Независната медиумска комисија од 2024 година беше поништен од Уставниот суд во 2025 година. Политичките и економските притисоци дополнително ја поткопуваат уредувачката автономија, особено во медиуми зависни од државно поврзани извори на финансирање.
ХРВАТСКА
Хрватското новинарско друштво во 2025 година регистрира 27 случаи на напади, закани и притисоци врз новинари. Хрватска за првпат влезе во категоријата „тешка ситуација“ на индексот на РСФ, паѓајќи на 60-тото место. Мисијата на MFRR во јуни 2025 година укажа на политичките притисоци, застареното законодавство, ранливоста на медиумите на СЛАПП тужби и недоволната институционална заштита.
Меѓународните и домашните актери укажуваат на низа системски проблеми: економска нестабилност на медиумите, пад на рекламните приходи, нетранспарентно сопствеништво, политичко влијание врз јавните и приватните медиуми, бавна имплементација на европските стандарди и постојани инциденти кои ја дестабилизираат професијата.
ЦРНА ГОРА
До 10 декември 2025 година, Синдикатот на медиуми на Црна Гора регистрира 28 случаи — број што го израмнува највисокиот годишен рекорд. Девет случаи вклучувале закани по живот или физичка безбедност; четири случаи вклучувале вербални напади од високи функционери. Застрашувачки е и физичкиот напад врз фоторепортерите во август за време на отстранувањето на споменикот на Павле Ѓуришиќ.
Онлајн просторот е особено опасен за новинарки, кои секојдневно добиваат закани. Охрабрувачки е што во еден случај сторителот беше осуден уште на првото рочиште.
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Во 2025 година, состојбата со медиумските слободи и безбедноста на новинарите во Северна Македонија прикажува мешана слика: формален напредок и позитивни законски промени од една страна, а значајни структурни предизвици и застој во практиката од друга. Иако државата и понатаму се рангира релативно добро на скалата за слобода на медиуми, падот на 42-то место на Индексот на Репортери без граници – за шест позиции пониско од 2024 година – ја одразува реалноста на сè покомплексна и покревка медиумска околина. Во законскиот контекст, во последните години државата усвои неколку важни реформи со зајакнување на одредбите во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и во Кривичниот законик, со што се проширија заштитните механизми за новинарите.
Сепак, системските слабости опстојуваат: судската практика останува неконзистентна, политичкото рекламирање и понатаму претставува ризик од влијание врз уредувачките политики, а кампањите финансирани од државата во приватните медиуми повторно беа воведени во 2024 година, и покрај предупредувањата од ЗНМ дека тоа ја загрозува независноста на медиумите. Недостигаат механизми за поддршка на медиумскиот плурализам во согласност со европските стандарди, а ЗНМ постојано повикува на целосна примена на европските препораки за анти-СЛАПП заштита, безбедност на новинари и модернизација на законодавството за авторски права.
Социо-економските слабости дополнително го поткопуваат медиумскиот пејзаж: повеќето новинари заработуваат под националниот просек, а медиумските работници се во уште понесигурна положба. Недостатокот од млади професионалци, ниските плати и недостигот од технички и продукциски кадар, особено во јавниот сервис МРТВ, сериозно ја загрозуваат квалитетот и одржливоста на новинарската професија. Без значајни инвестиции во професионален развој, фер надомест и јасни работни стандарди, ризикот од одлив на кадар и самоцензура останува висок.
Во поглед на безбедноста, иако физичките напади се намалија во 2025 година, дигиталните закани, говорот на омраза и политичкото етикетирање и понатаму се доминантни извори на притисок, особено на социјалните мрежи. Истрагите за нападите остануваат бавни и ретко доведуваат до одговорност, а поновите случаи, како што е палењето возила на новинари, сè уште се нерасветлени, што го продлабочува чувството на неказнивост. И покрај подобрената соработка меѓу ЗНМ, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство преку назначени контакт-точки, СЛАПП тужбите и понатаму претставуваат сериозен инструмент за заплашување. Загрижувачки е трендот на зголемување на СЛАПП тужбите во Македонија.
Севкупно, 2025 година ја отсликува амбивалентната реалност на медиумскиот сектор во земјата – формално напредува, но суштински останува ранлив, со јасна потреба од конзистентна институционална заштита, структурна поддршка и вистинска политичка волја за зајакнување на слободното и независно новинарство.
Босна и Херцеговина
Новинарите во БиХ се соочуваат со растечки ризици: закани, заплашување, онлајн напади, СЛАПП тужби, физички напади. Иако медиумскиот пазар е формално богат, тоа не значи вистински плурализам — голем број медиуми се економски ранливи и под силно политичко влијание.
Прекинот на USAID поддршката остави десетици новинари без работа, а затворањето на Al Jazeera Balkans во јули остави над 200 медиумски работници во неизвесност. БиХ падна на 86-то место на индексот на РСФ. Најалармантен е колапсот на јавниот сервис BHRT, кој претставува сериозна закана за државната стабилност.
Според SafeJournalists, досега се регистрирани 34 инциденти во 2025 година — од вербални напади и политички притисоци, до физички напади, од кои еден завршил со осудителна пресуда.






































































































