Американското Министерство за одбрана ја објави втората група претходно доверливи владини документи поврзани со наводни видувања на неидентификувани летечки објекти (НЛО). Најновите декласифицирани материјали вклучуваат бројни сведоштва на луѓе кои пријавиле појава на необјасниви зелени сфери, дискови и огнени топки на небото.
Оваа втора објава следи откако првата група документи беше обелоденета на 8 мај, по директна наредба на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој е најновиот во низата претседатели кои го продолжуваат процесот на откривање на владините извештаи за неидентификувани летечки објекти, практика која започна кон крајот на 1970-тите години.
Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, во официјално соопштение истакна дека овие документи, фотографии и видеа од она што официјално се нарекува „неидентификувани аномални феномени“ долго време поттикнувале различни шпекулации во јавноста. Тој нагласи дека конечно е дојдено времето американскиот народ да ги види овие материјали со свои очи.
Еден од највпечатливите меѓу 222-та документи објавени во петокот е досието од 116 страници кое детално опишува серија видувања и истраги спроведени во строга тајна постројка во Сандија, Ново Мексико, во периодот од 1948 до 1950 година. Од Министерството за одбрана прецизираа дека само во овој конкретен фајл се содржани 209 пријавени случаи за појава на „зелени сфери“, „дискови“ и „огнени топки“ забележани во непосредна близина на воената база.
И покрај зголемениот интерес и транспарентноста на институциите, експертите посочуваат дека објавените материјали сè уште не нудат конечни одговори. Анализите на првата група документи покажаа дека, иако содржеле нови видеа од веќе познати видувања, тие не презентирале никакви убедливи или непобитни докази за постоење на вонземна технологија или вонземски живот.
Линк од објавените материјали ТУКА
Ј. Ѓ.
Поврзано…
Трамп објави тајни досиеја за НЛО: „Народот сам нека одлучи што по ѓаволите се случува“





































































































