Советникот во Советот на Општина Битола од редовите на СДСМ, Менде Илиевски денеска на прес-конференција изјави дека „ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Тони Коњановски ја донесоа Битола на работ на банкрот!“, додавајќи дека „за една и пол година Коњановски потрошил околу 50 милиони евра, а општината нема пари за ништо!“
Според него, Коњановски противзаконски ги зголемил и даноците на имот за 300 отсто, но пак нема пари во касата за ниту еден од проектите што ги ветуваше, поставувајќи го прашањето „каде завршија парите на битолчани?“
Зошто нема пари за прифатилиште за бездомни животни, нема пари за спортски комплекс, немаат пари за планинарскиот дом Копанки? Но, затоа имаме многу примери каде стотици илјади денари се делеа кај сопартијци и роднини, истакна Илиевски.
Тој нагласи дека „ситуацијата во речиси сите битолски јавни претпријатија и установи е катастрофална. Директна одговорност за тоа имаат ВМРО-ДПМНЕ и кадрите на градоначалникот Тони Коњановски сместени во директорсктие фотелји и во управните и надзорните одбори!“
Комуналец е над 40 милиони денари во минус! Водовод е во минус од 21 милион денари! Паркинзи во минус од над 1 милион денари! ВМРО-ДПМНЕ ја заглави конзулска Битола. Ова се случува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие довербата од народот. Катастрофа, посочи советникот од СДСМ.
Илиевски истакна дека заради ваквото недомаќинско работење ВМРО – ДПМНЕ ја загуби поддршката во Советот на Општина Битола.
Разрешување на оние кои се причина за оваа состојба во управните и надзорните одбори на шест битолски јавни претпријатија значи одговорност пред граѓаните. Јавните претпријатија мора да ги управуваат домаќини и еснафи луѓе кои ја сакаат Битола. Надпартиски стручни луѓе во управните и надзорните одбори е вистинско решение, заклучи Илиевски.