Агресивната пропаганда за “македонштината” на Грујо беше спакувана како пакетче што секојдневно можевме да си го најдеме пред врата. Барокот и спомениците во комбинација со агресивната популистичка реторика на телевизиите и интеренет просторот, си функционираа одлично. Формата на неговиот пропаганден систем си ја вршеше мисијата (мисија на централизирано владеење и партиско/лично богатење).
Неговото одржување на власт беше формулата национализам + функционална неписменост.
Денес, образованието не е доволна алатка да се излезе од таа закоравена состојба. Неопходно е длабинско реобмислување и рекреирање на медиумскиот простор, не од свои луѓе и роднини, туку од независни креативци!
Медиумите (со акцент на нациноналните) немаат што да понудат освен политика, во најголем дел и новокомпонирана и набрзина направена програма без никаква цел, намера, идеја. Медиумите (ТВ) се сведени на лични прчии на директорите. Ниту македонски јазик ќе чуете, ниту пак ќе видите образовно-обмислени содржини. Ништо, буквално ништо не се прави на тоа поле, што всушност е единствен ефективен начин за подигање свесност и описменување.
Колку и да се грижиме за европските вредности, ние немаме свој автентичен пат за суштинска грижа на истите. Тоа што го гледаме е искучиво празна реторика или правење инстант копии на некои европски вредности. Има и интересни содржини, но тие се главно наменети за избран и мал круг (елитна или групирана) публика. Значи – ни недостасува државна стратегија за подигање на свесноста за нашите, граѓански улоги во општеството, а не случајни реклами и инстант пораки. Ова е внатрешен проблем, кој сакале или не, станува надворешен.
Можеме колку сакаме да се расфрламе со пароли, изјави, деманти кон бугарските јазични претензии. Можеме да ги мразиме соседите и да создаваме ужасна меѓусебна нетрплеивост меѓу нас внатре, бранејќи се себеси и барајќи виновници – но останува фактот дека ништо суштински и стратешки се нема направено, ниту инвестирано во негувањето на јазикот и културата за сопствениот народ.
Европска држава се гради со свесен и умен народ. Со лепење дупки, Титаник не се спасува. Добар курс на пловидба се прави со стратегија која за цел ќе има умни, функционално писмени граѓани – што само по себе ќе создаде нови наративи за нас кај соседите.
Јазикот е наша татковина. Без виртуозност во јазикот и артикулацијата на знаењата преку него, на научно, културно и секое друго поле – ние всушност ја губиме нишката што нè држи заедно. Можеби државите и границите еден ден ќе одумрат, но човечкиот порив за усовршување, учење и напредување е незамислив без читање пишување и зборување, пред се’ на јазикот на кој сонуваме, на мајчиниот јазик!
Во случaј да немате државни пари и идеи, еве една: За почеток нека ги седне “некој” големите бизнисмени и олигарси патриоти, збогатени (директно или индиректно) со народни пари и нека им каже дека е време да го покажат својот патриотизам со годишни примамливи суми (инвестиции) во култура и образование, а не со купување пратеници и луѓе! Не верувам дека ум и широчина за вакво нешто постојат, но верувам дека нема богаташ што не би сакал неговите внуци да се гордеат барем малку со него. Инвестициите во култура и образование оставаат важни историски траги и ги надживуваат лошите спомени…
Фејсбук пост на Синоличка Трпкова